Избегнувајте алкохол и пијте повеќе вода за претстојните празници, препорачува Институтот за јавно здравје. Во соопштението за јавноста оттаму потсетуваат за штетата што ја прават засладените пијалоци и алкохолот.
„Внесот на слатки пијалоци е една од главните причинители за зголемената преваленца на дебелина, дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести, забен кариес и други здравствени проблеми. Во Северна Македонија, податоците од Иницијативата за следење на дебелината кај децата покажуваат дека внесот на засладени безалкохолни пијалаци повеќе од 3 пати неделно е застапен кај 45 отсто од момчињата и 37 отсто од девојчињата“, потсетуваат оттаму.
Во врска со алкохолот, во ИЈЗ укажуваат на Меѓународната агенција за истражување на ракот, која алкохолот го класифицира како токсична, психоактивна супстанца која создава зависност и канцерогена супстанца (група 1) со која се поврзани седум видови на рак: на устата, грлото, душникот, хранопроводот, црниот дроб, дојката (жени) и дебелото црево.
„На глобално ниво, алкохолот придонесува за 3 милиони смртни случаи и е одговорен за 5,1 отсто од глобалното оптоварување на болести и повреди. Дури 13,5 отсто од сите смртни случаи кај оние на возраст од 20-39 години се припишуваат на алкохол. Консумирањето алкохол е поврзана со 74.0000 нови случаи на рак секоја година на глобално ниво.Сепак, најновите достапни податоци покажуваат дека половина од сите видови на рак што се припишува на алкохол во Европскиот регион на СЗО се предизвикани од „лесна“ и „умерена“ консумација на алкохол – помалку од 1,5 литри вино или помалку од 3,5 литри пиво неделно“, пишува во соопштението на ИЈЗ.
Оттаму велат дека не постои безбедно ниво на консумирање алкохол. Иако постојат некои потенцијални здравствени придобивки од лесен до умерен внес на алкохол (како што се ефектите врз кардиоваскуларните болести и дијабетес тип 2), овие придобивки не ги надминуваат ризиците од рак што се поврзуваат со истото ниво на консумирање алкохол. По опсежен и студиозен пристап кон оваа двојба, СЗО, има консензуален став со следната изјава – „Ниту едно ниво на консумирање алкохол не е безбедно за нашето здравје“.
„Не можеме да зборуваме за таканаречено безбедно ниво на употреба на алкохол. Без разлика колку пиете, ризикот по здравјето на оние кои консумираат алкохол започнува од првата капка. Единственото нешто што можеме да го кажеме со сигурност е дека колку повеќе пиете, толку е поштетно – или, со други зборови, колку помалку пиете, толку е побезбедно“, вели д-р Карина Фереира-Боргес-в.д. раководителка на единицата за управување со незаразни болести и регионален советник за алкохол и недозволени супстанции.
Покрај СЗО, нордиските, канадските и германските препораки за исхрана од 2023 година наведуваат „Бидејќи не може да се обезбеди безбедно ограничување за консумирање алкохол, препораката е дека секој треба да избегнува да пие алкохол“.
ИЈЗ препорачува да не се купуваат и да не се складирате засладени пијалаци дома, а во кафулиња и ресторани да не се не нарачуваат безалкохолни пијалаци.
„Редовно носете со себе вода во стаклено шише. Водата треба да биде ваш прв избор. Консумирајте млеко, јогурт, кефир. Ако ви недостасуваат газирани пијалаци, изберете газирана минерална вода без вкус (арома). Чај или домашно цеден сок без додаден шеќер“, препорачуваат во ИЈЗ.