Фото: Mehr News Agency, CC BY 4.0, Викимедија комонс

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 29 март до 04 април 2021, тестирани се вкупно 26.142 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од пет проценти во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.933 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 6,9 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (44,5 отсто), највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци. Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 21,0 до 35,2 отсто, или во просек 29,3 отсто, со зголемување за 1,7 отсто во однос на минатата недела.
„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (30,2 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (17,9 отсто), 30-39 (17,8 отсто), 40-49 (16,6 отсто) и 20-29 (11,6 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,2 отсто) и 10-19 години (4,8 отсто),“ се вели во извештајот на ИЈЗ.
Пријавени се 260 смртни случаи од 27 градови, 27,5 отсто повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 215 лицa биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50-59 години, 13 лица од возрасната група од 40-49 години, 4 лица од 30-39 години и едно лице од 20-29 години.
Заклучно со 4 април вкупно се вакцинирани 7.009 здравствени работници со прва доза (4.015 – Фајзер/Бионтек и 2.996 –Спутник V) и 4.413 (3.805-Фајзер/Бионетк и 608- Спутник V ) со втора доза на вакцина против ковид-19.
Заклучно со 4 април, вакцинирани се 1.968 лица над 77 години.