Фото: Арбнора Мемети

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 16 до 22 ноември тестирани се вкупно 19.664 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 6,3 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.486 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела од 1,8 отсто, соопшти Министерството за здравство, согласно Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Оттаму информираат дека најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (43,5 проценти), со неделна инциденца – 535,1/100.000. Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 38 отсто.

Како што покажува извештајот на ИЈЗ, од случаите кои се епидемиолошки истражени, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (24,3 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (20,0 отсто), 30-39 (19,7 отсто), 50-59 (18,0 отсто) и 20-29 години (13,1 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,6 отсто) и 10-19 години (3,8 отсто).

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.866 (51,6 проценти) лица од машки и 3.620 (48,4 проценти) од женски пол.

Во споменатиот период, по добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.099 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 44,7 проценти повеќе во споредба со минатата недела.

Од ИЈЗ посочуваат дека во наведениот период пријавени се 204 смртни случаи од 24 града, зголемување од 18,6 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 155 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50-59 години, 18 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и 5 случаи во возрасната група од 30-39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 128 или 62,7 проценти.