Играта „Tie Dye“ на македонското студио „Furious Avocado“ надмина 100 милиони преземања низ светот

Извор на фотографија: Фејсбук страница на Furious Avocado

Мобилната игра „Tie Dye“ на македонското студио за игри „Furious Avocado“ пред неколку дена надмина 100 милиони преземања низ целиот свет. Станува збор за „Направи сам“ (DIY – do it yourself) креативна игра со која може да се бои облека според свој избор. Играта е лесно разбирлива и достапна за пошироката публика.

Од „Furious Avocado“ во нивната објава на „Фејсбук“ веќе си ја поставија новата цел, а тоа е играта да достигне 200 милиони преземања во наредниот период. Од тимот велат дека станува збор за неверојатно патување, во кое континуирано се развива оваа игра со многу љубов и грижа уште од нејзиното лансирање минатата година.

Оваа игра лани веќе беше прогласена за најдобра casual игра во Кина, каде што се стекна со првата награда. Огромен успех и интерес беше постигнат и во САД, а „Мета.мк“ минатата година разговараше и со основачите на играта и на гејминг студиото од земјава што постигна огромен успех.