Играта “Saints Row The Third Remastered” бесплатна на „Epic Games“ до 2 Септември

Фото: Sean Do on Unsplash

Играта “Saints Row The Third Remastered” е пародија на GTA каде се случуваат мегаломански претерани битки со тепање и повеќе со пукање. Играта изобилува со хумор и сатира и многу насилство. Замислете го уништувањето во GTA и помножете го тоа со 3.000, затоа што оваа игра го допира кровот на апсурдното и изобилува со нон-стоп акција. 

 

Графиката на играта е добра, но не може да се мери со новите игри на тоа поле. Играта има и слични моменти на “Need For Speed”, каде можете да ги уредувате возилата и да им ја менувате бојата и додатоците. Велат дека ова е последната игра од серијалот каде работите се задржуваат во “оваа реалност” дека во следните “Saints Row” има елементи од Matrix и Mass Effect како вонземјани, симулирани реалности, суперхеројски моќи итн. 

Иако “Saints Row The Third Remastered” ги нема овие елементи, и понатаму е многу забавна и смешна игра за играње. Ликот можете да го уредите да изгледа како сакате и ако одите во outfits опцијата можете да одберете да изгледа како нинџа, витез во целосен оклоп и многу други костими од поп културата коишто се многу смешни.

Оружјата што ги користите можат да бидат пиштоли, машинки, сачмарки, митралези и обично на непријателите треба многу да пукате во тело пред да ги убиете, а ако ги пукате во глава, умираат инстантно. Приказната се води околу бандата Saints што постигнува комерцијален успех, продава сокови со нивно лого и се медиумски познати, така што други криминални организации сакаат да им го присвојат вниманието и парите.

Но, бандата не подлегнува на закани и се бори против сите. Има интересна сцена уште на почетокот на играта, кога ограбувате банка, ве застанува една девојка во банката и ви бара автограм. Го потпишувате, а почнува да ѝ се додворува друг од бандата, додека вие пукате во специјалци со кои сте во константна битка. Потоа го разнесувате горниот дел од сефот и доаѓа ваш голем хеликоптер што го подига целиот сеф и вие се возите на него и пукате против хеликоптери и специјалци, држејќи се за сајлите или за работ од сефот. 

Следната поголема битка е кога одлучувате да набавите оружја за бандата и одите во воена база и од таму крадете оружја и преку компјутери фрлате ракети на тенкови, возила и војници што ве напаѓаат околу базата, а веднаш потоа летате со хеликоптер и рушите други хеликоптери со пукање – акцијата никако не застанува. Интересно е што може да се направи да имате бесконечно муниција за бескрајните бранови на непријатели. 

Друг важен составен дел од играта е радиото во играта кое можете и да го исклучите, дека е слично како во GTA додека возите кола. Проблемот е што може радиото да врти една песна на повторување цело време, затоа е и добро да се исклучи. 

Возењето во играта е добро направено и повеќето играчи сакаат да возат мотор дека е полесен за контролирање од колите. Добро е да ја отклучите и способноста возило да биде испорачано на вашата локација и дури ќе можете и да си повикате тенк ако ви притреба. Има и комични возила, како излезени од луна парк само со машинки на нив. Играта е тотално штракната и може сè да се очекува. Една од посмешните работи е кога дозволувате да ве удираат коли за да мамите на животно осигурување и ви “куца” пари при секој удар. Смешно е направено одбивањето на телото во вис и контролирате каде ќе слетате, а целта е да се слета на нова движечка кола и таа да ве удри.

Сите Saints Row игри имаат многу неочекувани работи во нив-тоа и ги прави забавни. “Saints Row The Third Remastered” е бесплатна за превземање на Epic Games до 2 септември, грабнете ја оваа игра додека можете.