Играта „Nioh“ бесплатна на „Epic Games“ до 16 септември

„Nioh: The Complete Edition“ е игра што во нормална продажба може да се купи за 50 евра, но „Epic Games“ ја даваат бесплатно на промоција до 16-ти септември (четврток). Воедно, оваа игра е една од најтешките во жанрот на “Souls Like” игри. 

Иако самата приказна е фикција, главниот лик е базиран на првиот западен самурај Вилијам Адамс кој вистински постоел. Уште една инспирација за изгледот на протагонистот е несомнено ликот на Вичерот Гералт од Ривија, бидејќи потсетува во многу карактеристики – косата, раните по телото, само лицето е изменето.

Самата приказна почнува во затвор, исто како што почнува „Dark Souls 1“. Уште првите непријатели се индикатор за тоа колку е тешка играта и колку бара вештина во играњето. Од вас се бара да избегнувате удари и да задавате контраудари кога ќе се ослободи простор за тоа, како и малку по малку да им одземате “Health” на непријателите додека не ги победите. 

Иако мечовите се фаворит во играта и тоа ги има од единечни нормални до специјални со различни имиња, до двојни мечови и изненадувачки големи мечови што делуваат и малку смешно, единствено оружје што е полесно за играње и ви овозможува да држите непријатели на поголема дистанца се копјата, иако не се толку забавни и со толку атрактивни удари како мечовите сепак се посигурни и поефикасни.

Но во основа, треба да играте на начин што ви пружа најмногу мерак и забава, а не само да се употребува најефикасното за да се напредува. Во играта има три става на борба што ги адаптирате на ситуации (исто како што имаше во Вичер 1) – бавен став со силни удари, брз став за брзи но послаби удари и среден став со нормални удари. 

Кога ќе загинете во играта се враќате на претходниот checkpoint каде сте се снимиле и сите непријатели се пак живи. Истиот принцип како во сите Souls Like игри. За разлика од „Dark Souls“ каде има штит за блокирање, во „Nioh“ нема штитови но можете да блокирате со секое оружје, или тоа, или да се тргнете од патот на непријателот кој напаѓа и да се позиционирате од грб за да нанесете повеќе штета.

Во основа, комбатот е избегнување и цепкање удари, малку по малку. Има и играчи што ги злоупотребуваат механиките за полесно да ги победат главните, но тоа е веќе мамење и не е добро да се прави, затоа што ќе си ја расипете играта и сатисфакцијата од добра борба што би ја поминале со “skill”. 

Што се однесува до приказната, луѓе што ја играле препорачуваат да се читаат туторијалите и да се гледаат сите сцени од приказната без кои би се изгубиле во играта. Превземените работи од јапонската митологија се духовите кои ги имаат сите како водичи, кај протагонистот Вилијам не е одредено дали духот што го води му е и љубовница или само дух врзан за него.

Додека тие што прават добри и праведни дела имаат добри духови, а тие што прават неправди и сурови дела се обземени од таканаречени “Oni” или демонски духови. Главната мисија на Вилијам е да си го врати духот којшто лош маѓепсник му го заробува во предмет на моќ – Амритa камењата и го носи во Јапонија. Истите камења во играта наводно и служеле на Англиската кралица да ги победи Шпанците и се многу повеќе од оружја. Вилијам патува во Јапонија и се придружува на клан каде станува самурај и војува против демонски грдосии што се одлично графички сработени како носечки хорор елементи во играта. И секако, задоволството на победување на такви грдосии носи голема сатисфакција за играчите. 

Ако сакате игра што би ви преставувала предизвик, земете ја „Nioh“ додека трае промоцијата.