Играта „Among Us“ сега е бесплатна на Epic Games Store

Амонг Ас
фото: Foxpool на Pixabay

Една од најпознатите мултиплеер игри, „Among Us“, која доби голема популарност за време на пандемијата, сега може да се преземе бесплатно од продавницата на Epic Games. Играта која инаку чини 5 американски долари,  бесплатно ќе може да ја преземе секој кој има корисничка сметка на Epic Games Store, најдоцна до 3 јуни.

Верзијата на „Among Us“ за мобилни телефони и понатаму останува бесплатна за сите играчи, но корисниците мораа да платат за десктоп верзијата.

„Among Us“, развиена од студиото InnerSloth, беше објавена уште во 2018 година, но вистински хит стана во втората половина на 2020 година. Оттогаш тимот позади играта воведе неколку нови мапи и опции.

Промоцијата на оваа игра е дел од огромните попусти на Epic Games кои ќе се случуваат до 17 јуни. Оттаму соопштија дека секоја недела ќе биде објавувана по една бесплатна игра. По завршувањето на промоцијата на „Among Us“, на 4 јуни ќе биде објавена нова игра, но дотогаш нејзиното име нема да биде откриено.