Игор Трпчески е македонскиот претставник на Европското слем-првенство, јавноста ќе може да гласа онлајн

Европско слем првенство 2020
Фото: Постер од настанот за Европското слем првенство

Игор Трпчески ќе ја претставува Македонија на годинешното Европско првенство во слем-поезија, кое ќе се одржи на 4 и 5 декември во Марибор во Словенија. Организатор на првенството е Младинскот културен центар во Марибор во коорганизација со СиСлем – Словенечката мрежа за слем-поезија. Поради вонредните услови, настанот годинава ќе се случува целосно онлајн, а гледачите ќе имаат можност да го следат директниот пренос од првенството на социјалните мрежи. Учество во двете полуфиналиња на првенството годинава ќе земат националните слем-прваци од 19 земји.

За она што значи слем поезијата и како истата се развива во Македонија, „Мета.мк“ разговараше со македонскиот претставник на слем-првенството, Игор Трпчески, како и со Елена Пренџова, членка на интернационалното жири и координаторка на Националниот слем на Македонија.

Трпчески е актер во Народниот театар „Војдан Чернодримски“ во Прилеп, специјализирал театарска режија во Софија и има одиграно 50 премиери на матичната сцена во Прилеп и уште неколку во Битола, Велес, Куманово и МНТ во Скопје. Неговата биографија е богата, а има режирано и продуцирано четири детски аматерски и професионални претстави, како и пет независни и алтернативни театарски проекти кои имаат освоено повеќе државни и меѓународни награди.

Игор Трпчески
Игор Трпчески, македонски претставник на Еврпското првенство во слем-поезија 2020 / фото: лична архива

Трпчески слем-поезијата ја опишува како културен, современ и перформативен начин на изведба на авторски текстови од сите жанрови, со натпреварувачки карактер. Вели дека првиот натпревар во слем-поезија е одржан во Чикаго, САД, во 1984 година, па оттаму се раширува низ цела Америка, а подоцна и во Европа. Во Македонија слем-уметноста доаѓа во 2010 година.

„Натпреварите во слем-поезија во Македонија дојдоа во 2010 година со меѓународната работилница за слем во организација на здружението Лоја од Тетово, чиј предавач беше германскиот слемер Мишел Абдулаи (Michel Abdollahi), а во декември истата година Културниот центар „Контрапункт“ од Скопје одржа натпревар на слем-поезија во Скопје, кој наиде на многу голем интерес и посетеност, поради што, во 2011 се органиираа уште два слем натпревари. На еден од нив првото место го делев јас со Катерина Батаклиева и тогаш заедно решивме да организираме барем еден Поетски слем во Прилеп“, вели Трпчески.

Тој додава дека оттогаш, единствено слемот во Прилеп прераснал во настан со традиција, континуирано одржувајќи се секоја година, но денес слем-настаните како никогаш претходно земаат замав одржувајќи се низ речиси сите поголеми градови во Македонија.

Трпчески не учествува првпат на Европскиот слем. Ја има претставувано нашата држава и на слем-првенството во 2017 година во Брисел. Вели дека не се радува што годинава првенството ќе се одржи онлајн, затоа што ја сака и му треба публиката.

„Јас сум повеќе од 20 години на сцена и знам какво е чувството да одиграш претстава пред полна или пред празна сала. Онлајн слемот е исто како да гледаш театарска претстава на видео или да играш фудбал, ама на компјутер. Ситуацијата е таква што не е дадена друга алтернатива, инаку сум сигурен дека секој од изведувачите би сакал да настапува во живо и пред публиката“, додава Трпчески.

Вели дека инспирацијата ја црпи насекаде околу себе.

„Во природата, општеството, литературата, соништата, моралните дилеми, неодговорените прашања. Морам да признаам дека во последно време не сум нешто инспириран. Во поглед на омилен слемер или актер никогаш сум немал. Јас ги сакам различностите и знам да прифатам мислење различно од моето, со исто внимание ги слушам и уметниците и интелектуалците и бескуќниците и лудаците“, објаснува македонскиот претставник на Европското слем-првенство и додава дека за него е најважно тоа што слем поезијата е инклузивна и интерактивна, поттикнува слобода на говор и не е селективна.

Игор Трпчески
Игор Трпчески / фото: лична архива

„На Слем натпреварите во Прилеп се говорело на албански, бугарски, српски, македонски, италјански и англиски јазик и учествувале рамо до рамо, истакнати автори со објавени повеќе збирки поезија и добиено книжевни награди и дебитанти и аматери од 16 до 72 години“, додава Трпчески.

Координаторката на Националниот слем на Македонија, Елена Пренџова, која истовремено е и членка на интернационалното жири на годинешното Европско првенство, слем-поезијата ја опишува како интересен жанр на поезија, кој не подразбира само текст и содржина, туку и изведба. Вели дека слем поезијата нема да изгуби ништо од својата уметност поради онлајн перформансите на годинешното слем-првенство.

„Изведбата во живо секогаш е на прво место, меѓутоа има нешто што се нарекува и слем видео, како што е видео материјалот кој ќе се прикажува на ова слем првенство. Натпреварувачите нема да изведуваат во живо пред камера, туку ќе бидат однапред снимени. Визуелната уметност, видеото, е еден тип на уметност која може само да додаде до импресијата на самата слем изведба, секако во рамките на техничките можности на оние што настапуваат, но и во рамки на умешноста на истите“, објаснува слем-поетесата Пренџова.

Елена Пренџова
Елена Пренџова, слем-поетеса, координаторка на Националниот слем на Македонија и членка на интернационалното жири на годинешното Европско слем-првенство / фото: лична архива

Таа појаснува дека Македонија досега учествувала со четири различни претставници на Европските слем-првенства, меѓу кои била и самата таа, претставувајќи ја Македонија на слем првенството во 2016 година во Белгија. Други кои досега нè претставувале се Афродита Николова од Штип, Марија Грубор од Велес, како и годинешниот претставник Игор Трпчески. Пренџова вели дека нашата држава досега остварила добри резултати.

„Од статистиката можам да кажам дека добро котираме. Она што нам ни е важно е дека пред сè, слем поезијата е забавна, односно не станува збор за натпреварот и еуфоријата да се победи, туку еуфоријата да се забавуваме и дружиме. Нашите искуства се многу позитивни и вклучуваат вмрежување на македонската слем сцена со останатите национални слем сцени на Европа и воспоставување и одржување на личните контакти и контактите на ниво на организации“, додава Пренџова.

Таа вели дека слем-поезијата, помалку или повеќе е присутна и во соседните и во земјите од регионот.

„Имаме долгогодишна соработка со Србија, која има јака слем сцена, развиена во неколку градови. Од регионот многу се активни и Хрватите. Хрватска по втор или трет пат го има истиот победник, Дино Тременс, кој е извонреден изведувач. Од моето искуство сметам дека Албанија како земја нема активна слем сцена надвор од неа, а годинава на Европското слем-првенство ќе учествуваат и Грција и Кипар. Досега немам забележано претставик на првенството од Бугарија“, вели Пренџова.

Европското слем-првенство годинава ќе се случува два дена. Двете полуфиналиња ќе се одржат утре, 4 декември, првото со почеток во 17 часот, а второто, каде четврти по ред ќе настапи македонскиот претставник Игор Трпчески ќе започне во 20 часот.

Финалната вечер ќе се одржи во сабота, 5 декември во 20 часот.

Македонија е една од шесте земји во Европа која директно ќе го прикажува слем првенството онлајн на Фејсбук страницата Poetry SLAM Macedonia. Гледачите можат да го следат настанот во живо и да гласаат за македонскиот претставник Трпчески.