Во време кога Бугарија ја мачат многу внатрешни проблеми, властите решија да ги „извезат“ своите бројни политички проблеми во соседна Северна Македонија, правдајќи се со историските и идентитетските прашања. ЕУ и САД тоа не смее да го дозволат, но не смее и да дозволат Бугарија да ги оспорува идентитетот и јазикот на Македонците, порачува Меѓународниот институт за Блискоисточни и Балкански студии (IFIMES) од Љубљана во својата анализа за Бугарија, насловен „Бугарија во 2020: Бугарија ги извезува своите проблеми во Северна Македонија“.
Објаснувајќи го развојот на односите меѓу двете земји од потпишувањето на Спогодбата за добрососедство меѓу двете земји на 1 август 2017 година, ИФИМЕС потсетува на проблемот со Гоце Делчев и со бугарскиот Меморандум испратен до членките на ЕУ, за кој земјата смета дека ќе биде причина да се блокира меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ, односно да се одложи почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
„Аналитичарите се уверени дека со такви потези, Бугарија ги извезува своите внатрешни проблеми во Северна Македонија. Во исто време, бугарското однесување е тест и за самата ЕУ. Ќе дозволи ли таа наметнување на билатералните проблеми меѓу земјите како клучно прашање за преговарачкиот процес? Аналитичарите се уверени дека ЕУ и САД мора да ја сопрат Бугарија да се нафрла на Северна Македонија и на Македонците како народ со свој македонски идентитет и јазик, бидејќи секоја ескалација на тензиите може да доведе до конфликти и нова криза, што не му е потребно никому ни на Балканот, ниту пак на ЕУ, освен можеби на политиките и политичарите коишто веруваат дека преку конфронтации и создавање кризи може да останат на власт. Меморандумот што Бугарија го испрати на ЕУ мора да стане нерелевантен, оти е незамисливо во 21. век Бугарија, која е полноправна членка на ЕУ и НАТО, да ги оспорува идентитетот и јазикот на соседниот народ – Македонците“, пишува ИФИМЕС.
Анализата на Институтот порачува дека ЕУ мора да заземе цврст став кон таквите бугарски посегања.
„Прекинот на активностите преземени од Бугарија би спречил можни понатамошни попречувања од другите членки кон земји што се кандидати за членство во ЕУ. Бугарија стана членка на ЕУ во 2007 година само поради компромис и сè уште не ги исполнува стандардите поставени од ЕУ. Аналитичарите потсетуваат дека Бугарија и Романија станаа членки и покрај тоа што не ги исполнија неопходните барања и услови за членство во ЕУ“, пишува ИФИМЕС.