Фото: Влада на Република Северна Македонија (05.07.2019 г.)

Пред парламентарните избори во Бугарија што ќе се одржат на 4 април, соочена со сериозните закани од новите политички партии во земјата коишто се остри противници на власта, владејачката бугарска партија ГЕРБ се обидува да ја зачува постоечката коалиција со ВМРО-БНД и поддршката од ДПС, поради што интензивно помага на националистичката реторика на ВМРО-БНД и нејзиниот контроверзен претседател Красимир Каракачанов, којшто се бори да го премине изборниот праг од четири отсто. Тоа се гледа и во фактот дека на Каракачанов во изливот на национализам кон соседна Северна Македонија активно и оркестрирано му помага министерката за надворешни работи Екатерина Захариева (ГЕРБ). Бугарскиот „десант“ на Северна Македонија делумно ги врати Борисов и Каракачанов во игра, бидејќи политички беа речиси „отпишани“, пишува Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана.

Потсетувајќи дека покрај традиционалниот ривал, Бугарската социјалистичка партија (БСП), се појавија и нови противници на ГЕРБ, како Демократска Бугарија на Христо Иванов, „Има таков народ“ на познатиот ТВ водител и музичар Слави Трифонов, како и Stand Up.BG на Маја Манолова, но и „Републиканци за Бугарија“ на Цветан Цветанов, поранешен близок соработник на премиерот Бојко Борисов и поранешен министер за внатрешни работи, ИФИМЕС ги пренесува ставовите на аналитичарите дека партијата ГЕРБ на Борисов со толку нови противници се обидува да изгради цврста коалиција со ВМРО-БНД и ДПС, бидејќи силите ѝ се изедначени со БСП, и го помага национализмот на ВМРО-БНД.

Во анализата на институтот, проблемот на актуелниот однос на Бугарија кон Северна Македонија се гледа и во „руското татковство“ на бугарската држава, со Сан Стефанскиот договор од 1878 година.

Анализата, навраќајќи се на историјата, потсетува на негирањето на правата на етничките Македонци во Бугарија, како и на потребата ЕУ да ги испочитува своите вредности во однос не само на тоа малцинство, туку и на Македонците воопшто, посебно поради фактот што годишно на Бугарија ѝ дава три милијарди евра, па со тоа и станува соучесник во антиевропското однесување на Бугарија.

„Бугарија и Бугарите не може да се гордеат со својата историја во текот на Втората светска војна, оти тогаш беа сојузници со нацистичка Германија. Бугарија никогаш не била казнета за својот „историски грев“ за време на Втората светска војна, што пушти длабоки фрустрации во бугарското општество.

Македонците во Бугарија, иако ги има најмалку 10 отсто, се „заробен народ“ среде ЕУ. Според процентите, повеќе етнички Македонци живеат на територијата на денешна Бугарија отколку во самата Северна Македонија. Бугарските власти, и покрај бројните пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од Стразбур, одбиваат да ја регистрираат ОМО „Илинден Пирин“, политичка партија што го претставува македонското малцинство во Бугарија, која во 2000 година беше забранета од Уставниот суд на Бугарија. Оваа забрана и понатаму е на сила. Бугарските судови исто така ги одбија пријавите за регистрација на неколку културни здруженија што ја промовираат македонската култура, македонскиот јазик, итн. Згора на тоа, бугарските судови го негираат постоењето на македонската етничка заедница во Бугарија и покрај фактот дека резултатите на бугарскиот попис покажуваат постоење на лица со етнички македонски идентитет. Всушност, Бугарија намерно го исклучи македонското малцинство од опфатот на примена на рамковната Конвенција за заштита на националните малцинства.

Бугарија е нето корисник на средства на ЕУ, што значи дека повеќе добива отколку што уплаќа во буџетот на ЕУ и живее на сметка на другите развиени земји-членки на ЕУ. Така, Бугарија во 2018 година од буџетот на ЕУ доби 2,169 милијарди евра, додека во буџетот уплати само 487 милиони евра. Во периодот 2014-2020, за големи проекти (со вредност поголема од 50 милиони евра) од средствата на ЕУ за Кохезиска политика, Бугарија доби 1.862.730.664 евра. Овие проекти се за создавање подобра инфраструктура, поздрава животна средина, нови работни места и нови бизнис можности. Директно од Европската Комисија (ЕК), Бугарија преку различни проекти добива дополнителни милијарда евра. Бугарија од ЕУ годишно добива повеќе од три милијарди евра, што е приближно еднакво на буџетот на Република Северна Македонија. Загрижувачки е што Бугарија со парите на даночните обврзници на ЕУ ја финансира својата деструктивна политика во регионот“, пишува ИФИМЕС.

Анализата вели дека ГЕРБ не ги исполнила надежите на бугарските граѓани што ја донесоа на власт и создала поголема социјална раслоеност, разлики во примањата и уставно гарантираните права, како здравствена заштита и пензиско осигурување и дошло до кршење на илузиите и надежите, и поради тоа актуелната бугарска власт своите бројни внатрешно-политички проблеми ги „извезува“ во соседна Северна Македонија.

Потсетувајќи дека Европскиот парламент (ЕП), преку предлог-резолуцијата за владеењето на правото и темелните права во Бугарија 2020/2793(RSP) предупредува за ефикасна заштита на правата на малцинствата, посебно правата за слобода на изразување и слобода на здружување, меѓу другото и со тоа што ќе ги спроведе релевантните пресуди на ЕСЧП, анализата потсетува дека во последните години во Бугарија имало говор на омраза против малцинствата, а парламентарниот имунитет систематски се злоупотребува за пратениците да се заштитат од обвиненија за говор на омраза.

„Екстремните реакции на познати високи бугарски владини политичари и функционери претставуваат политика од 19. век, којашто нема никакви допирни дочки со сегашноста и ориентираноста кон иднината. Поради силните емоции, силно популистичката и квази политика е прифатлива за еден дел од бугарската јавност, а тоа најдобро го потврдуваат и реакциите на голем дел од македонскиот политички спектар. Неверојатно е дека таквите политички сили се застапени во еден дел од македонската опозиција многу блиска со бугарските протагонисти, коишто со инсистирањето на блокада го доведуваат процесот на проширувањето на ЕУ, којшто секогаш бил одговор на големите кризи на ЕУ, под прашалник. А тоа е историска грешка, измама и пат во една насока. Историјата секогаш оди по својот пат и на крајот секогаш ги отфрла таквите девијации, а на историските текови таквите сили не можат да им се спротивстават, бидејќи македонската држава на крајот ќе стане полноправна членка на ЕУ – интеграција на модерни, демократски, слободни и просперитетни народи“, порачува ИФИМЕС.

Институтот нагласува оти некои аналитичари сметаат дека ЕУ, а посебно Германија, мора да го сопрат бугарскиот „десант“ на Република Северна Македонија, бидејќи Бугарија деструктивно се однесува кон соседите.