ИЕА: Нулта стапка на штетни гасови ќе се постигне само со радикални промени во производството на енергијата

Фото: Ralf Vetterle на Pixabay

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во вторникот соопшти дека шансите за постигнување на нулта стапка на емисија на штетни гасови, до средината на овој век, се намалуваат доколку светот радикално не го смени начинот на кој се произведува, користи и транспортира енергијата, пишува деловниот портал Seebiz.eu. 

За да се постигнат целите зацртани во глобалниот пакт за клима од 2015 година, меѓу кои е и ограничувањето на растот на глобалната температура на најмногу 1,5 степени целзиусови, во однос на прединдустриското време, потребно е емисијата на стакленичките гасови до 2050 година да се сведе на нула.

Расте бројот на земјите кои сакаат да постигнат нулта стапка на емисија на стакленички гасови, но дури и кога во целост би го исполниле тоа, сѐ уште во светот во 2050 година ќе има 22 милијарди тони јаглерод диоксид, што би предизвикало раст на температурата до 2100 година за 2,1 степен целзиусов, во споредба со времето од прединдустрискиот развој, стои во извештајот на ИЕА, кој треба да послужи како насока за следната рунда на климатски преговори во ноември годинава во Шкотска.

„Нето нулта стапка на емисија на стакленички гасови е тешка цел, но остварлива. Ако до 2050 сакаме да го постигнеме тоа, тогаш не ни се потребни нови инвестиции во нафтени постројки, во проекти на гас или на јаглен”, рече извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол.

Лани температурите на воздухот беа меѓу највисоките, а научниците глобалното затоплување и појавата на сите екстремните временски појави ја препишуваа на зголемената емисија на стакленички гасови, вклучувајќи го јаглерод диоксидот од фосилните горива, како јагленот, нафтата и гасот.

Емисиите на јаглерод диоксид во енергетскиот сектор во декември 2020 година изнесуваа 0,2 отсто или 60 милиони тони повеќе од истиот месец во 2019 година.

Според тоа, ИЕА препорачува да се пуштат на пазарот новите технологии кои сѐ уште не се искомерцијализирани, како што е собирањето и складирањето на јаглеродот (ЦЦС), користењето на чистиот водород (зелен или обновлив водород) кој ќе се произведува со електролиза на водата, со употреба на струја добиена од обновливи извори на енергија.

Глобалните податоци за штетните емисии на гасови за 2020 година покажуваат голем диспаритет меѓу земјите. Така, лани шетните емисии во Кина биле поголеми за 0,8 отсто, а во САД се намалиле за 10 отсто, во однос на 2019 година.