ИДУЕП: Младите од „Отворен Балкан“ бараат властите да поддржуваат дигитални апликации за подигање на јавната еколошка свест

Фото: ИДУЕП

Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во текот на месец февруари спроведе истражување на тема за потребите и мислењата на младите за заштитата на животната средина.

Во фокус групите на ИДУЕП учествуваа студенти од С. Македонија, Албанија и Србија. Според направеното истражување се покажува дека младите во овие земји поттикнувањето на промена во животната средина го гледаат преку технологијата која денес може да се искористи на различни начини со цел да се погидне јавната свест за заштита на средината.

Начин за имплементирање на технологијата како решение за проблемите со воздухот и животната средна е создавање на еко-апликации, повеќе достапни и функционални еко-дигитални алатки, наменети кон справување со постоечки проблеми, кои истовремено ќе придонесат и кон подигање на еколошката свест на целата јавност.

Како постоечки примери биле посочени македонската мобилна апликација „Мој воздух“ која го мери загадувањето на воздухот и апликацијата „Андерва“ во Албанија која нуди попусти во еко-пријателски продавници. Освен „Мој воздух“, во Македонија има уште една дигитална аплиакција со еколошка намена, наречена „Trash Map“- „Пронајди ѓубре“ која им овозможува на луѓето да фотографираат и пријават отпад на несоодветни места во земјава. Апликацијата беше креирана во 2020 година од страна на 17 годишниот Теодор Богоески.

Младите се со став дека ваквите апликации се добар чекор и придонесуваат за одредени промени во позитивна насока, но сметаат дека владите од земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ треба многу повеќе да инвестираат и поддржуваат  онлајн апликации од ваков тип. Студентите-учесници од Србија го поздравиле креирањето на апликацијата „gReact“ од страна на тамошната Влада, истовремено нагласувајќи дека ваквите апликации бараат подобра функционалност, систем на постојано надградување и применливост во праксата.

„Младите од регионот јасно и гласно бараат чист воздух и здрава средина за живеење -тоа е она што ги засега подеднакво без разлика од која земја доаѓаат. Бидејќи каква вода ќе пијат, каков воздух ќе дишат или каква почва за храна ќе има за идните генерации се одлучува токму денес. Овие фокус групи покажаа дека младите се свесни оти промената мора да почне од нив самите, односно сите заедно треба да се менуваме ако сакаме да ги видиме промените. Охрабрувачки е што тие сакаат да ја искористат технологијата и дигитализацијата за испраќање на пораки за позитивна промена, како и преку личен пример да придонесат кон подобрување на состојбата“, изјави Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма во ИДУЕП.