Фото: Арбнора Мемети

Раст од 3 проценти е забележан кај евроскептичниот став на населението во земјава во 2020 година во споредба годината пред тоа. 22 отсто од популацијата имале евроскептичните ставови во 2020 година, а поддршката кон Евроазиската Унија како алтернатива на членството во ЕУ бележи раст од околу 13 отсто во однос на 2019 година. Ова го покажуваат наодите од двете истражувања за јавното мислење за македонскиот процес на пристапување во Европската Унија на Институтот за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) во соработка со канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје.

„Кредибилитетот на Унијата и на процесот сериозно се нарушени. Иако целокупната поддршка за ЕУ сè уште е силна, скептицизмот се зголемува, особено кај младите, а поддршката за Русија постојано расте. Испитаниците сè уште ја гледаат ЕУ како најдобар странски сојузник, но ЕУ веќе не се гледа како странски фактор со најголемо влијание и заостанува зад САД“, вели претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски.

Како најважни фактори за формирањето на евроскептичните ставови, се наведуваат заканата за губење на националниот идентитет и губењето на суверенитетот и независноста на државата како последица на процесите на европеизација.

„За разлика од минатите години, кога причините во пристапниот процес се гледаа повеќе во неостварување на домашните реформи, сега повеќе од половината од граѓаните најголемиот проблем за македонскиот пристапен процес го насочуваат кон позициите на соседните држави, што е за 20 проценти повеќе од минатата година“, стои во соопштението на Институтот за демократија.

Оттаму додаваат дека во 2020 година, се става крај на долгогодишниот тренд на опаѓање на поддршката кон Европска Унија, со 69 проценти од населението кое дава поддршка кон членството во ЕУ, за 4 отсто повеќе во споредба со минатата година. Дополнително, меѓуетничкиот јаз во степенот на поддршка на членството на ЕУ се намалува.

Истражувањето покажува дека иако испитаниците сè уште ја гледаат Европска Унија како најголем сојузник, сепак оваа перцепција бележи опаѓање од 7,6 проценти во однос на 2019 година. Дополнително, Соединетите Американски Држави го земаат водството на Европската Унија како фактор со најголемо влијание, додека пак Русија низ годините бележи благ пораст во однос на перцепцијата за нејзиното влијание. Европската Унија, пак сè уште се гледа како најголем финансиски донатор на Северна Македонија.

Двете истражувања на авторите Иван Дамјановски, Иван Николовски и Мари Јеленка Кирхнер може да ги прочитате на македонски и англиски јазик.