Нови, прецизни критериуми за назначување, но и критериуми за разрешување на директорите и членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија предлага Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје во својот предлог-текст за измени на Законот за јавните претпријатија.

– Изминатиот период разговаравме со претставници на повеќе jавни претпријатија и од тие разговори јасно е дека кога се нестручни управните и надзорните одбори, тие претставуваат пречка за остварување на работата на претпријатието. Со овој процес сакаме да воведеме меритократија во смисла на зајакнување на капацитети на одборите. Тоа не само што е поврзано со доброто управување туку и со демократијата – вели Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при ИДСЦС.

Со амандманите се прецизираат критериумите за избор на членовите на управувачките структури, директори, управни одбори и надзорни одбори во јавните претпријатија со фокус на нивното работно искуство и се менува начинот на кој се избираат. Една од клучните новини, според ИДСЦ, е што за избор на членови на управниот одбор во јавно претпријатие основано од општината ќе се формира комисија за селекција од три члена, која ќе направи административна селекција, а потоа и интервју со кандидатите кое ќе биде снимено.

Со амандманите за прв пат се предвидува процедура за разрешување на членовите на раководствата на јавните претпријатија поради лошо или незаконско работење. Директорите и членовите на одборите ќе може да бидат разрешени од основачот на претпријатието, Владата или општините, поради лоши резултати, прекршување на прописите, ако основачот не е задоволен од нивната работа, ако претпријатието не ги извршува работите од јавен интерес или ако услугите не ги дава по пристапна цена и со соодветен квалитет.