„Идентитетол Форте“ – Уметничката акција го прикажува апсурдот во кој е заглавена Македонија

Утрово во центарот на Скопје вниманието на граѓаните го привлече уметничка инсталација „Идентитетол Форте“. Како што појаснија креаторите на оваа идеја, инсталацијата во форма на кутија со лекови е креирана да го прикаже апсурдот во кој е заглавена Македонија.

„При секоја криза во Македонија елитите веднаш посегнуваат кон приказните за загрозеност на идентитетот, иако со поскапувањата на храната и енормните цени на енергенсите на сите ни е загрозена голата егзистенција, на народот му се пласираат тези за загрозеност на идентитетот“, нагласија креаторите.

Според нив, филм обложените таблети идентитетол за заштита на идентитетот помагаат при следниве симптоми:

  • Чувство на губење на идентитетот;
  • Мачнина во стомакот при зголемено гледање вести;
  • Надуеност поради презаситеност од социјални мрежи;
  • Намалена куповна моќ, поскапена струја, дрва за греење, пелети, бензин и конци и јадици за по риба;
  • Расправии со комшиите, роднините и пријателитe нa свадби, слави и други собири.

Во упатсвото за употреба на лекот е наведено дека Идентитетол се зема 2-3 пати на ден, обавезно навечер пред кооперација, пред зграда, во маало или во кладилница.

„Ако се конзумира пред зграда или пред коооперација исклучиво да се пие со пиво никако со јогурт. Доколку пиете Идентитетол наутро на работа, обавезно консумирајте го заедно со утринското кафе и со колегите за да се постигне поголем ефект“, велат организаторите на акцијата.

Како можни несакани дејствија на лекот на 1 од 10.000 случаи, наведено е дека е можно да се случи промена на политичка партија, гнев и викање по протести, менување профилни слики на социјални мрежи, расправии по социјални мрежи, чуство на итност.

Лекот произведен од NorthМakиљач Gmbh по лиценца на HCS-ЕУ се издава без рецепт, но креаторите нагласуваат дека за индикациите, несаканите дејства и контраиндикациите консументите треба да се консултираат со комшиите или со експертите на социјалните мрежи.