Идентификувани телата на сите 45 загинати во автобуската несреќа, останките утре со два авиона пристигнуваат во Скопје

Фото: Јавно обвинителство на Република Бугарија, prb.bg

Идентификувани се сите 45 загинати жртви на автобуската несреќа на возилото на „Беса Транс“, кое изгоре во пожар по 2 часот ноќта на 23 ноември на автопатот „Струма“ кај селото Боснек, близу Перник, соопшти директорот на Националната истражна служба на Бугарија, Борислав Сарафов.

Како што пренесе „Медиапул“, идентификацијата е направена преку ДНК анализите.

Примероците од роднините во земјава ги зедоа соодветните македонски служби.

Како што денеска објасни македонското Министерство за надворешни работи, телата на загинатите утре претпладне со два бугарски воени авиона ќе бидат транспортирани до Меѓународниот аеродром Скопје.

Иако првично се зборуваше за 46 загина, потоа за 45, за на првата официјална прес-конференција на бугарското обвинителство да се каже дека станува збор за 44 жртви, но тоа останува да се провери, според ДНК анализите сепак е утврдено дека станува збор за 45 жртви.

Оваа автобуска несреќа е најстрашната во поновата македонска историја по бројот на загинати.