Иако половиот јаз во науката и истражувањата се намалува, тој е сè уште присутен

Фото: ThisisEngineering RAEng on Unsplash

Науката и иновациите се од витално значење за економскиот раст и справувањето со општествените предизвици. Сепак, значителниот јаз помеѓу половите во науката и технологијата опстојува низ годините, но ситуацијата последниве години се подобрува, барем во С Македонија.

Меѓународниот ден на жените и девојките во науката секоја година се одбележува на 11 февруари, откако за првпат беше воспоставен во 2015 година од страна на Обединетите нации, за да се промовира еднаков пристап и учество на жените и девојките во науката и технологијата. Овој ден е потсетник дека жените и девојките играат клучна улога во научните и технолошките заедници и дека нивното учество треба да се зајакне.

Препознавајќи ја улогата на жените и девојките во науката, не само како корисници, туку и како агенти на промени, седмиот Меѓународен ден на жените и девојките во Научното собрание на Обединетите нации годинава се фокусира на темата „Еднаквост, различност и инклузија: водата нè обединува“, при што се разговара за односот на водата во постигнувањето на трите столба на одржлив развој – економскиот просперитет, социјалната правда и еколошкиот интегритет.

Жените научници со пократки и помалку платени кариери

Според податоците на Обединетите нации, само една третина, односно 33,3 отсто од научниците во светот и само 12 проценти од членовите во националните научни академии се жени.

„На жените им се доделуваат помали грантови за истражувања за разлика од нивните машки колеги и имаат тенденција да имаат пократки и помалку платени кариери. Жените истражувачи се недоволно застапени во високопрофилните списанија и тие често се одминувани кога се работи на промоција на науката“, се вели во извештајот на ОН.

Според податоците на УНЕСКО од 2019 година, пак, Македонија е лидер во Европа според уделот на жените-истражувачи во вкупниот број истражувачи во земјата. Така, повеќе од половина, односно 52,3 отсто од сите истражувачи во земјава се жени.

Кај нас бројките рамноправни, предрасудите се намалуваат

Од 35 редовни и дописни членови во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), само 5 се жени, што е околу 14 проценти од вкупниот број членови во МАНУ.

Од друга страна, последните податоци на Државниот завод за статистика кои се однесуваат на 2020 година покажуваат блага доминација на женскиот пол во однос на завршените студии од прв, втор и трет циклус на високообразовните институции во земјава.

Така, од вкупниот број дипломирани студенти во 2020 година, 59,5 отсто се жени. Учеството на жените-магистри во вкупниот број лица кои стекнале научен степен магистер на науки, пак, истата година изнесувал нешто над 58 отсто.

Повеќе од половина, односно речиси 57 отсто од лицата што одбраниле докторска дисертација во текот на 2020 година, исто така, се жени.

Предрасудите кон жените во науката, во нашата земја, но и во Европа се речиси минато, смета Милка Љончева, докоранд на студиската програма Екотехнологии на Меѓународната Постдипломска школа Јожев Стефан во Љубљана, Словенија.

Љончева е магистер по фармација, која студиите од прв и втор циклус ги завршила на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзиното истражување е насочено кон развој и валидација на методи за идентификација и квантификација на нови органски загадувачи во животната средина, кои при долготрајно присуство во истите имаат негативно влијание врз растителниот и животинскиот свет во проточните води, а влијаат врз безбедноста и квалитетот на водата за пиење и водата за индустриски потреби.

„Новата ера на глобализација и дигитализација овозможува брза миграција на информации и луѓе, што пак резултира со ширење на погледите и напуштање на минатовековната “парадигма” дека жените треба да работат од 08-16 часот, да бидат постојано дома и најголем дел од денот да се грижат за своето семејство и домаќинство. Родовата еднаквост е доста присутна во најголем дел од сегментите на општественото живеење, па сметам дека е присутна и во науката. Секоја девојка и жена која се занимава со наука е свесна за очекуваните предизвици, за влијанието на избраниот кариерен пат врз приватниот живот и впрочем е вистинска уметност ускладувањето на приватниот и професионалниот живот на дневна основа. Потешко е, но е позабавно и не е невозможно“, вели Љончева.

Милка Љончева / фото: лична архива

Желбата и мотивацијата за работа во областа на научните истражувања кај неа се граделе во текот на високото образование. Љончева признава дека отсекогаш ја привлекувале природните науки, па вели дека знаела оти ќе носи бел мантил.

„Динамичноста во работењето, разноликоста, креативноста, можноста за себеизразување, како и бараната дисциплина, организираност и самоинцијативност се аспекти кои во текот на моето образование и работа како демонстратор на Институтот за Фармацевтска технологија при Фармацевтскиот факултет, сфатив дека сакам да бидат темел на мојата кариера, и сето тоа го најдов токму во науката. Дополнителна мотивација за мене е оној популистички аспект на истражувачкото работење, она сознание дека фактите кои сме ги откриле и потврдиле со нашите истражувања ќе помогнат во разрешување на одредена проблематика, што пак ќе биде корисно за општеството“, вели Љончева.

Според неа, жените во науката денес сè уште се мета на предрасуди во одредени кругови, но вели дека токму таквите предрасуди се дополнителен мотив за уште поголеми успеси во професијата.

„За волја на вистината, за време на интегрираните студии од прв и втор циклус и докторските студии имав можност да работам со повеќе истражувачи и докторанти од женски пол, можеби затоа што фармацијата и хемиските науки некако отсекогаш го носеле епитетот на научни области посилно преферирани од женскиот пол. Често сме дискутирале на тема предрасуди кон жените во науката и сме утврдиле дека понекогаш сè уште сме мета на истите во одредени општествени кругови, каде на девојките и жените кои преземаат храбри професионални одлуки се гледа како на “други”, “различни”, “посебни”. Но, секако сме мета и на пофалби за истите избори. На крај, најважно е и пофалбите и предрасудите да нè мотивираат за идни успеси“, заклучува Љончева.

Дека денес постои многу мал и незначителен јаз помеѓу половите во поглед на научните истражувања во земјава, се согласува и Ангела Најдоска, која е магистриран електроинженер од областа на обновливите извори на енергија. Најдоска во моментов е запишана на трет циклус студии на Факултетот за електротехника и информациски технологии, а работи и во компанија како проектант на фотоволтаични електрани.

„Искрено не сметам дека сме дискриминирани ние жените во науката, повеќе би рекла дека сме дискриминирани во инженерството како работна позиција, не зборувам лично за себе, туку генерално. Исто така би посочила дека кај нас, на ФЕИТ, според моето искуство, ние жените сме еднакво третирани кога станува збор за истражувањата“, вели Најдоска.

Ангела Најдоска / фото: лична архива

Уште од мали нозе, Најдоска почнала со истражувања на придодните науки, поточно, на билогијата. Нејзините истражувања биле насочени кон екологијата и зачувувањето на животната средина. Подетално со физиката, и како што вели, со нејзините „фасцинантни откритија“ се запознала во средно училиште. Откако се запишала на ФЕИТ, до ден денес истражува во областа на обновливите извори на енергија, со акцент на сончевата енергија.

За волја на вистината, ниту Љончева досега не била во ситуација нејзиниот труд и работа да бидат потценети само затоа што е жена.

„Интересен факт што би сакала да го споделам е дека во моето досегашно работење, стекнав искуство за различностите во начинот на работење помеѓу истражувачи и аналитичари од машки и женски пол. Додека мажите се порационални, попрактични, со „straightforward“ пристап, жените се потемелни, внимателни до детали, љубопитни за сите аспекти од работната задача. Особено е интересно кога се надополнуваме на „brainstorming“ состаноци“, забележува Милка Љончева.

Колку се вложува во науката?

За жал, во изминативе години бевме сведоци на незадоволително вложување во науката, смета Љончева и додава дека е потребно зголемување на годишниот буџет за научни истражувања. Во земјава има многу млади луѓе со прекрасни идеи, кои за жал, токму поради недостатокот на финансиска поддршка заминуваат на (до)едукација во странство или го пренасочуваат својот кариерен пат.

„Во 2021 година, 17.3 милиони денари беа распределени за финансирање на научно-истражувачки проекти од посебен и јавен интерес за поддршка и развој на лабораториски ресурси во научните и високобразовните институции во Р.Македонија. Реализацијата на истите е веќе отпочната.Искрено се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во иднина, и земајќи пример од европските земји, постепено ќе се зголемува годишниот буџет за финансирање научни истражувања. Она што сè уште недостига е фонд за индивидуални стипендии за докторски студии во земјава и странство, како и поголема информираност и транспарентност во поттикнувањето на научната фела при апликации и учества во меѓународни проекти“, смета Љончева.

Дека се потребни поголеми финансии од државниот буџет се согласува и Најдоска. Таа вели дека младите луѓе во земјава, без разлика на полот, имаат знаење кое можат да го пласираат на светската научна сцена.

„Има иднина ако ние направиме да има. Доколку само пишуваме и изјавуваме дека нема услови за истражување ништо нема да се смени. Вложувањето во науката го подобрува животот на сите, се зголемува едукацијата на младите, младите излегуваат од факултетските клупи постручни и се вработуваат во компании кои ќе имаат поголеми бенефиции, а на тој начин расте и економијата во државата“, смета Најдоска.

Најдоска додава дека за напредокот на науката дома подеднакво важна е и желбата на професорите да истражуваат, што било случај на нејзиниот факултет, затоа што на тој начин им се овозможува и на студентите да се вклучат во истражувањата на нивните професори.

Иако во странство е подобро и има поубави услови за работа, нејзините планови се таа да остане да истражува дома.

„Верувам дека пред да се иселиме од државава, прво треба да пробаме да направиме нешто во неа“, порачува Најдоска.