fbpx

Иако опасен отпад увезуваме само како суровина или енергенс, екологистите тврдат дека и тоа се злоупотребува

-

Дали во Македонија се увезува опасен отпад или не и за која намена воопшто се увезува отпад во земјава е дилема со која се соочуваат граѓаните откако во јавноста се појавија фотографии на увезен отпад. Ова прашање е регулирано со постојниот Закон за управување со отпад, а последниов месец дена државата во неколку наврати демантираше дека во Македонија се увезува, складира и согорува опасен отпад, кој се доведува во контекст со зголеменото аерозагадување, јавноста се уште не е убедена во аргументите на Владата.

Во овие деманти меѓутоа не е убеден ниту коалициониот партнер во истата таа Влада партијата ДОМ, па нејзините пратенички во Парлементот поднесоа предлог за измена на Законот за управување со отпад, со што ќе се забранува увоз на отпад како извор на енергија. „Со ова ќе се отстрани загадувањето на воздухот кое потекнува од горење на увезениот отпад што се употребува во индустриски капацитети како енергенс во производниот процес“, стои меѓу другото во соопштението до јавноста со која оваа партија, која, инаку има свои претставниџи во клучните државни институции чија грижа е токму животната средина и загадувањето – Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и Градскиот инспекторат.

Во Македонија се увезува опасен отпад, вели Ана Каранфиловска Мазнева, раководител на Секторот за отпад при Министерството за животна средина. Да, тоа звучи вака многу опасно кога ќе се каже, ама тој може да се увезе само ако се преработува за енергија или како суровина. Ако немате инсталација во која отпадот може да се преработи или рециклира, ние не ви издаваме дозвола за увоз. Дозволен е увоз на отпадот само ако ја знаеме крајната дестинција на отпадот и ако инсталацијата има дозвола, инаку – не.

Според Мазнева, во опасен отпад спаѓаат и стари акумулатори, па сепак тие се увезуваат во нашата земја, но и се извезуваат.

„Сите увезени отпадни акумулатори завршуваат во фирма која има А интегрирана еколошка дозвола и која од стари акумулатори прави нови и ги пушта на пазарот. Тоа е преработка. Значи влегува опасен отпад, но му го знаеме патот каде оди“, уверува Мазнева.

Жестока дискусија на тема дали, конечно, во Македонија се увезува или не опасен отпад со кој се постапува на начин кој го загрозува здравјето на граѓаните и предизвикува загадување имало и на последната седница на Советот за безбедност кај претседателот на држвата Стево Пендаровски, на која присуствувале и претставници на граѓанската коалиција Зелен фронт. Притоа, од извори присутни на седницата, „Мета“ дознава дека заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули најпрвин тврдел дека во Македонија не се увезува опасен отпад, но откако присутните го соочиле со официјалните податоци објавени на веб-страницата на МЖСПП, тој прокоментирал дека не се увезувал радиоактивен отпад.

Членот 103 од важечкиот закон за управување со отпад е недоволно прецизен кога вели дека се забранува увоз на отпад на територијата на Република Македонија, за складирање заради отстранување и за отстранување, како и дека се забранува увоз на опасен отпад што е измешан со неопасен отпад или со други компоненти кои ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот. Меѓутоа во истиот тој член стои и дека е дозволен увоз на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето,  да се користи како суровина или да се користи како извор на енергија, но не е прецизирано дали таквиот отпад е класификуван само како неопасен или постои можност по овој основ да се увезуваат и различни типови на опасен отпад.

Според познавачите на проблематиката на отпадот, еднакво голем проблем е увозот и на неопасниот, обичен отпад, поради тоа што постои реална опасност тој да се согорува или третира на начин кој го прави опасен.

„Не е проблем само дали се увезува или не опасен отпад туку како се постапува со него. Пластиката на пример не е опасна сама по себе, но ако ја согорувате таа испушта хемикалии опасни по здравјето, какви што се живата, кадмиумот, арсенот, диоксините, чиишто вредности патем во Македонија воопшто не се ни мерат со мерните инструменти за аерозагадувањето“, вели Тони Никушевски, активист на Движењето за чист воздух, кое во јануари годинава го блокираше влезот во скопската депонија Дрисла во знак на предупредување до надлежните да докажат дека таму не се согорува и депонира увезен отпад спротивно на важечките закони.

Според претставникот на Движењето за чист воздух, кое инаку е дел од Зелениот фронт, коалиција на граѓански здруженија која стои зад протестите против загадувањето и зад барањата содржани во тнр. Зелена книга со која од Владата се бара решавање на бројните еколошки проблеми во земјава – посебно е опасно согорувањето на пластика на температури кои не се високи.

„Од Усје велат дека нивните печки работат на темпертури над 1.000 до 2.000 степени и дека согорувањето е без нуспродукти на штетни соединенија како диоксините. Но дали е возможно во текот на нивниот технолошки процес печките постојано да работат со постојано иста температура? Не. Треба да се знае фактот дека сите цементарници во светот емитираат диоксини, зарем само нашава не? Па да ја предложиме за шампион за екологија тогаш, додава Никушевски.

Сепак, Никушевски смета дека не е добар предогот на ДОМ за забрана за увоз на отпад – бидејќи во иднина отпадот како оној што го користат инсталации како цементарници може да се декларира како суровина, и безбедно да се увезува и бара попрецизни и поконкретни измени на Законот за управување со отпад за во иднина да се спречат такви злоупотреби.

Во нашата земја не се прават сите можни анализи и истражувања на она што се увезува како отпад, туку единствено што се контролира се тарифните бројчиња и поврзаните документи. Кај нас отпадот се увезува само со контрола на хартија, без лабораториски анализи, обвинија неодамна од О2 Иницијатива. Според нив, уверувањата од премиерот Зоран Заев и од другите владини претставници дека увозот на отпад се прави според сите законски прописи и стандарди е само предизборен ПР и нема врска со реалноста.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...