fbpx

И во 2022 жените беа во сенка на мажите во земјава

-

Иако сите функционери во Северна Македонија се изјаснуваат дека се за родова еднаквост, според делата и 2022 година беше „машка“ во однос на жените на кои не им беше доделено заслуженото место, особено на високи раководни позиции. Порталб.мк ви носи преглед на проблемите и предизвиците на ова поле кои ја одбележаа годината што ја оставаме зад нас.

Родова еднаквост со зборови, патријархалност на дело

За време на предизборната кампања, партиите во земјава жените ги користат за кампања и за гласови, но при формирање на владата тие се оставаат настрана и многу малку се поставуваат на раководни позиции. Доказ за ова се претходните состави на владите, како и на оваа последната.

Фомирањето на новата влада која се изгласа на 16 јануари е првиот пример. Во овој владин состав, предводен од Димитар Ковашевски, бројот на жени на министерски позиции е минимален, само 20%, или изразено во бројки, на чело на министерствата се само 4 жени. Сите тие потекнуваат од партијата СДСМ. Демократската унија за интеграција (ДУИ), Алтернатива и Демократската партија на албанците (ДПА), не поставија ниту една жена на овие позиции.

Застапеноста на жените е уште поскандалозна на позицијата заменик министер. Од вкупно 16 заменици-министри, само 2 се жени, односно соодносот меѓу мажите и жените е 8 спрема 1. Овде е испочитуван „етничкиот аспект“ бидејќи едната е албанка, а другата македонка.

Само неколку недели подоцна, на една панел дискусија на тема „Улогата на албанската жена во политиката во РСМ“, на која се зборуваше токму за застапеноста на жените во политиката, политичарките од албанските политички партии побараа поголема застапеност во раководните места и меритократијата. Политичарките потенцираа дека жените не бараат промени за да ги згазат мажите, туку сите заедно да придонесуваат за еднакво и успешно општество, во кое секој го добива она што го заслужува.

„Сиромаштијата има женско лице“

8 март 2022 година беше одбележан со протест под мотото „Сиромаштијата има женско лице“. Минатиот 8 март ја одбележа сиромаштијата на жените предизвикана од системот и продлабочена од пандемијата со Ковид-19. Активистите и граѓаните побараа од властите да опфатат родова перспектива за потребите на жените, да го зголемат учеството на жените во работните групи кои подготвуваат и спроведуваат мерки за одговор на состојбата со Ковид-19 и економската криза, буџетските и економските политики за луѓето, а не за бизнисите и партиите, функционални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работниците, спречување на понатамошна приватизација на социјалните и здравствените услуги.

Меѓу другите барања беше и барањето за зголемување на учеството на жените на раководните позиции, преку воспоставување на квоти кои предвидуваат најмалку 40 отсто учество на жените во секое ниво на власт, итно усвојување на Стратегијата за родова еднаквост, донесувањето на Законот за родова еднаквост и други.

Во оваа насока, невладините организации и оваа година ја продолжија својата работа за преку различни активности за да направат промени од аспект на родовата еднаквост.

Што се однесува на сиромаштијата на жените, во Извештајот на Европската Комисија за реформите на земјата на нејзиниот евроинтеграциски пат е нагласено дека во однос на еднаквоста меѓу жените и мажите при вработувањето и социјалната политика, на пазарот на трудот постои очигледен родов јаз.

Што се однесува до образованието, едно истражување на Порталб.мк спроведено во 2022 година, покажа дека во 2022 година немало ниту една жена ректор на чело на државните универзитети во земјава. Инаку, и низ целата историја на јавните универзитети, од вкупно 53 ректори на државните универзитети, жени биле само две, и тоа само на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) и „Свети Климент Охридски“ (УКЛО).

Кога станува збор за статистиката, во овој аспект на земјата и недостасува родовиот пристап, бидејќи во многу области има недостиг од родова статистика. На ова тема, во 2022 година, независната истражувачка организација Reactor – Research in Action ја промовираше родовата анализа со тема: „Родовата статистика и вклучувањето на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“. Од оваа анализа произлегоа препораки дека државните чинители треба да бидат подобро координирани за да ја вклучат родовата перспектива во статистичкиот систем, со цел да се создадат поефикасни политики за намалување на родовите нееднаквости.

Собранието на Северна Македонија во јули ја усвои Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година, чија цел е зајакнување на правата на жените во земјата. Се проценува дека оваа стратегија ќе ја подобри состојбата со родовата еднаквост во согласност со меѓународните искуства. Преку оваа стратегија се очекува да се создаде општество во кое жените и мажите ќе ги имаат истите привилегии и одговорности кои ќе ги реализираат во едно вистинско заедничко партнерство.

Во однос на напредокот, на седницата на Владата на Република Северна Македонија на 1 декември беше разгледан и усвоен концептот за реформи во даночната политика, според кој менструалните производи нема да се оданочуваат како луксузни производи со 18 отсто, туку овој процент ќе се намали на 5 отсто. Ова беше тема на разговор и барање и на граѓанското општество.

„Родово-базиран говор на омраза“

Сексизмот и говорот на омраза кон жените беа присутни и во годината што ја оставаме зад нас. Мета овојпат беше министерката за одбрана Славјанка Петровска, против која на социјалните мрежи се раширија бројни сексистички коментари, критики за нејзиниот физички изглед, коментари полни со предрасуди и родови стереотипи. Овие напади се случија по приемот приреден за министерката за време на нејзината посета во Лондон, каде што во чест на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, британскиот воен оркестар ја свиреше познатата македонска песна „Јовано, Јованке“.

Кога сме кај Министерството за одбрана, во месец април на четиринаесеттиот регионален состанок за механизмите на родовата еднаквост беше објавено дека земјата постигнала напредок во подеднаквата застапеност на жените во министерствата и армиите на Северна Македонија за 2022 година, поточно процентот на жени во армијата е 10,15 отсто, процентот на жени офицери е 16,54 отсто, а жените раководители на сектори во Министерството за одбрана 39 отсто, но сепак застапеноста на жените сè уште останува минимална.

Полошкиот регион конечно доби центар за жените жртви на семејно насилство

Жените жртви на семејно и родово насилство во Полошкиот регион до месец декември немаа засолниште. Овој регион беше единствениот од осумте плански региони во Северна Македонија кој немаше такво засолниште. По неколку написи на Порталб.мк на оваа тема и притисокот од граѓанското општество, во декември Министерството за труд и социјална политика соопшти дека и официјално е основана социјалната служба – Центар за жени жртви на семејно насилство во Полошкиот регион.

Центарот за жени жртви на семејно насилство е организациона единица на ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Гостивар. Владата, како потписник на Истанбулската конвенција и учесник во борбата против семејното насилство и насилството врз жените и девојчињата, ја понуди услугата за привремен престој со отворање на Центарот за жени жртви на насилство, нешто што долго време му недостигаше на овој регион.

Но, во овој поглед недостигаат и други специјализирани услуги. Институциите, и централните и локалните, досега не направиле доволно на овој план. Експертите од областа предупредуваат дека и централните и локалните институции треба да направат повеќе за оваа загрозена социјална категорија.

Важноста на ова е нагласена и во Годишниот извештај на Амнести Интернешенел” објавен во април 2022 година, во кој во делот за насилството врз жените и девојките се наведува дека во РСМ е зголемена мизогинијата и говорот на омраза.

Што ќе се случува во 2023 година?

Северна Македонија треба да направи многу во однос на унапредувањето на родовата еднаквост. Ова е констатирано и во Последниот Извештај за 2022 година за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот евроинтеграциски пат. Извештајот ги истакнува недостатоците на кои земјата треба да работи повеќе, како и областите каде што земјата постигнала напредок.

Во наредната година земјава мора да ги спроведе сите одредби од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, жените и понатаму остануваат недоволно застапени на раководните места во јавните институции. Собранието мора да именува пет заменици народни правобранители, во оваа насока треба да се подобри соработката со невладините организации, медиумите имаат потреба од дополнителни мерки за промовирање на родовата еднаквост, Министерството за правда треба да го промени Кривичниот законик со цел да обезбеди целосна заштита на жртвите од сите форми на насилство, вклучително и од фемицид.

Неопходно е да се прошири правната едукација што им се нуди на судиите и јавните обвинители за прашања како што се дискриминацијата врз основа на попреченост, родовото и сексуалното насилство врз жените и насилството врз децата. Недостатокот на систематското собирање на податоците за кривичните дела од омраза врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет и нивното неефикасно следење од страна на властите останува сериозен проблем, заедно со родовиот јаз на пазарот на трудот. Податоци за инцидентите на сексуалното вознемирување на работното место или систем за истражување на таквите не се достапни. Меѓу другото, се нагласува дека е потребен дополнителен раст на капацитетите, особено во урбаните средини.

Сите овие и многу други точки ќе бидат актуелни во земјава и во 2023 година, сè додека властите не најдат решение за нив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...