По неодамнешната најава на Министерството за транспорт и врски дека до 2030 година ќе се воведе директен воз меѓу Транспортниот центар и Меѓународниот аеродром во Скопје, експертите бараат од македонската влада што побрзо да инвестира во директно железничко поврзување на аеродромот со главниот град.

Проектната документација за изградба на крак од постојната пруга Скопје – Куманово до самиот аеродром треба допрва да се подготви, заедно со физибилити студијата за изводливоста на еден ваков проект. Министерството за транспорт и врски го вклучи овој проект во Националната транспортна стратегија 2018 – 2030 година, но засега нема најави за спроведување поконкретни чекори во насока на воведување на аеродромскиот воз.

Никола Крстаноски, универзитетски професор по јавен градски превоз на Техничкиот факултет од Битола, посочува дека постојниот автобуски превоз до аеродромот не е ни оддалеку доволен. Тој вели дека недостасуваат само неколку километри пруга и изградба на железничка станица на самиот аеродром. За да се пушти во сообраќај ваквиот воз, неопходно е да се инвестира во пруга со должина од 3 до 5 километри, во зависност од тоа дали аеродромот би се поврзал со железничката станица Илинден или Миладиновци.

– Речиси сум сигурен дека и концесионерот ТАВ би поддржал ваков проект бидејќи и нив ќе им донесе корист. Повторно, ако споредите со состојбата по европските градови, ќе забележите дека сите имаат железничка врска со националниот аеродром – посочува професорот Никола Крстаноски.

Според прогнозата што неодамна ја објави турскиот концесионер ТАВ, Меѓународниот аеродром Скопје ќе ја достигне бројката од 3 милиони патници веќе во 2022 година.

Актуелниот возен ред на Македонски железници – Транспорт покажува дека со идниот аеродромски воз побрзо би се патувало во споредба со автобускиот превоз, па дури и во споредба со автомобил. На возовите во моментов им се потребни само 15 минути за да го поминат растојанието од Транспортниот центар до железничката станица во Илинден, односно 22 минути до Миладиновци.