И Србија на штрек поради ситуацијата во Куманово

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, за утре во 13 часот закажал вонредна седница на Бирото за координација на службите за безбедност, по повод денешните случувања во Куманово, пренесуваат српските медиуми.

Од кабинетот на Вучиќ, но и на министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, овие информации не ги потврдуваат зашто, како што велат, станува збор за оперативни податоци.

Покрај тоа, како што пренесува Радио-телевизија Србија (РТС), српските власти во пограничниот регион со Македонија упатиле дополнителни полициски сили, за што српскиот министер Стефановиќ ја информирал министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Ова официјално не го потврдуваат од српското МВР, но според неофицијалните иформации што ги пренесуваат српските медиуми, станува збор за околу 450 припадници на жандармеријата, кои биле распоредени во пограничниот регион меѓу двете држави.

Како што јавува српски „Блиц“, оклопни возила на единицата за специјални намени на српското МВР тргнале кон границата со Македонија.