Две недели по распишувањето на огласот за набавка на нови автобуси за ЈСП – Скопје, приватните превозници што вршат јавен превоз во главниот град посочуваат дека би сакале да добијат еднаков третман како и ЈСП – Скопје при обновата на возниот парк. Од „Макекспрес“ информираат дека во два наврати поднеле барања за одредување критериуми и технички карактеристики на возилата, како би добиле субвенции за подновување на автобусите што вршат јавен превоз во Скопје. Последен пат вакво барање поднеле на 4 март годинава.

Возниот парк на „Макекспрес“ се обновува во склад со можностите што ги имаат. „Сега во моментот е извршена набавка на понови автобуси со ЕУРО 5 стндарди“, велат за „Мета“ од „Макекспрес“. Доколку се понудат субвенции за набавка на поновила возила, тие се подготвени да ги искористат. Од „Макекспрес“ нагласуваат дека работат според единствен возен ред и тарифен систем со ЈСП – Скопје.

И Никола Крстаноски, професор по јавен градски превоз на Техничкиот факултет во Битола, посочува дека не е важно колку превозници ги одржуваат линиите, туку првенствено дали автобусите сообраќаат по единствен систем за информирање на патниците, наплата на билетите и координација на возните редови. Квалитетното одржување на автобусите и набавката на нови возила, вели професорот Крстаноски, мора да се реализираат паралелно, за да се воспостави квалитетен јавен превоз.

„Обновувањето на возниот парк е добра работа, особено ако се земе во предвид дека заради интензивна експлоатација, векот на траење на автобус на јавен градски превоз не би требало да е подолг од 12 години“, нагласува професорот Никола Крстаноски.

Град Скопје во годинешниот буџет има издвоено 20 милиони денари за адаптирање на постојниот возен парк со мотори на еколошки горива. Станува збор за субвенции понудени на приватните превозници, кои беа предвидени за доделување и лани, но останаа неискористени поради тоа што приватниците не доставиле барања за нив. Овие средства од градскиот буџет можат да се употребат за набавка на нови еколошки автобуси или за инсталирање на уреди на гас во постојниот возен парк, со цел намалување на аерозагадувањето во Скопје.

Набавката на еден нов автобус за јавен градски превоз од реномиран производител денеска чини околу 300.000 евра, но оваа сума може многу повеќе да порасне во зависност од техничките карактеристики барани од набавувачот на ова превозно средство.