fbpx

И повторно лупа врз исходот од бугарски избори: Меѓу кажаното и пишаното

-

По третите парламентарни избори оваа година, можно е Бугарија да добие Влада. Резултатите, математички гледано, тоа не го гарантираат. Сепак, политичката игра е надвор од доменот на математиката, а картите се малку поинаку поделени во оваа трета рунда.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Изненадувачката победа на новоформираната „Продолжуваме со промените“, благодарејќи на анти-корупциската платформа, харизмата на лидерите и нивниот имиџ на успешни харвардски ученици е успех поголем од освоените 25 проценти од гласовите. Ова веројатно се должи на фактот што се влеа нова надеж кај бугарските граѓани за промена, но и на очекуваниот поголем коалициски капацитет на новоформираната партија. Можности за коалицирање се најавуваат главно со сите други освен ГЕРБ на Борисов и „Обнова“. Како основни точки на заедничката платформа се очекуваат борбата против корупцијата, реформи во судството и – согласноста за промена на Главниот јавниот обвинител. Од распоредот на пратеничките места е јасно дека ќе биде потребна поширока коалиција за да се дојде до мнозинство од 121, што значи и повеќе компромиси.

Во Македонија освежувачки прозвучеа изјавите на веројатниот мандатар Кирил Петков за неодрживоста на ветото, потребата од нов пристап и од интензивирање на преговорите со Македонија, но со свртување на фокусот – од историјата кон соработката во другите области. Текстот пак на изборната програма на „Продолжуваме со промените“ не е толку „свеж“: „Да се ​​постигне задоволително решение на спорот со Република Северна Македонија (РСМ) преку добронамерни преговори со крајниот резултат запишување на македонските Бугари заедно со другите народи во Уставот на РСМ и отстранување на навредливи дефиниции за Бугарите од наставните програми“.

„Има таков народ“ (новата партија со опаѓачка поддршка) е општа во пишаното, но екстремна во кажаното. Иако во нејзината програма проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан го декларира за стратешки приоритет на Бугарија, оваа партија нагласува дека при тоа треба да се почитуваат „сите услови и спроведување на меѓудржавните договори со цел да се спречат нерешени прашања и противречности при приемот на кандидатите“. Предводникот на партијата Славеј Трифонов беше изричит дека „северомакедонците“ треба да ги признаат „бугарските корени“.

Движењето за права и слободи (ДПС) – позната како партија на Турците од Бугарија во јавноста генерално излегува со помеки ставови во однос на Македонија. Член е на европската партија „Обнова на Европа“, од каде што доаѓа и известителот за Македонија Илхан Ќучук.

Бугарските социјалисти (БСП) во најновата изборна програма ја повторуваат заложбата за „трајно и одржливо решение за спорните прашања со Република Северна Македонија со доследно бранење на нашите национални интереси; систематска работа на објаснување и одбрана на бугарската позиција пред нашите сојузници и партнери“. Ваквиот став е општ и дозволува еластичност, но за жал, јавните настапи се сведуваат на решително повторување на ставовите за блокадата.

Изборната програма на „Демократска Бугарија“ (коалицијата на „Да, Бугарија“, Зелените и Демократите), под насловот „поддршка за проширувањето на ЕУ и НАТО кон Западен Балкан“, е најопширна во однос на Македонија и, наспроти ставот дека сегашната блокада не е во интерес на Бугрија, се залага за детален патоказ, повторувајќи ги познатите бугарски барања. Илустративно од оваа програма е гледиштето за веќе споменуваниот можен додаток на Договорот за пријателство, т.н. патоказ. Според Коалицијата ДБ, тој документ „интегриран во преговарачкиот процес, би ни ја зачувал можноста да наметнеме последователна блокада пред завршувањето на пристапувањето доколку условите за кои станува збор не се исполнат по распоред“.

Двете нови партии – „Продолжуваме со промените“ и „Има таков народ“ не беа создадени кога се устоличуваше познатата бугарска рамковна позиција за блокада на преговорите за Македонија, па како тогаш неродени немаа ни можност да гласаат за парламентарната декларацијата со која се поддржа владиниот документ. Политички маневарски простор за нов пристап, а не само нова реторика – има. Прашање е само дали има политичка волја.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...