fbpx

И понатаму блокади во Иловица, Владата без став за проблемот со рудникот

-

Владата не расправала за ситуацијата со блокадите кај рудникот Иловица, дополнително ќе информираме доколку стане збор за тоа, е одговорот на владината прес-служба на прашањето на „Мета“ за ставот во врска со случувањата во струмичките села Штука и Иловица, каде веќе трет ден траат блокади на приодот кон локацијата на идниот рудник за бакар Иловица.

Како што и најавија во вчерашното соопштение до јавноста организаторите на отпорот против отворање на рудникот Иловица, „Младите на Иловица и Штука против рудникот“, поголема група локални жители и неколку возила и денес во 5 часот изутрина ги спречија работниците на  „Еуромакс Рисорсис“ и археолозите на Заводот за заштита на споменици и Археолошки музеј од Струмица да излезат на терен каде беа започнати археолошки истражувања на неколку локалитети, финансирани од  „Еуромакс Рисорсис“, кој е концесионер на рудникот.

„Излеговме една група од околу 50-60 луѓе со трактори, со автомобили и со цврста волја против рудникот на смртта. И можам да кажам дека ова беше успешно, бидејќи конвојот на „Еуромакс Рисорсис“ беше спречен“, изјави Милена Зафирова, еко-активистка од „Младите на Иловица и Штука против рудникот“, жителка на село Штука.

„Еуромакс Рисорсис“ финансираше археолошки ископувања на просторот на концесијата, во изведба на струмичкиот Завод за заштита на споменици и Археолошки музеј. Ова предизвика револт кај жителите на најзасегнатите села, Штука и Иловица и тие најавија дека ќе го блокираат приодот кон локациите на археолопките ископувања се додека екипите на терен не се повлечат.

Мештаните се загрижени за тоа дека ископувањата ќе значат отворање на рудникот, но и дека на компанијата не и е во интерес да излезе на виделина дека во ридовите над Штука и Иловица, на теренот на кој треба да се гради идниот рудник, има вредни археолошки наоѓалишта бидејќи тоа би ја попречило експлоатација на рудното богатство.

Според директорот на струмичкиот Археолошки Музеј, Ацо Манински, археолозите се наоѓаат помеѓу два огна додека растат тензиите помеѓу групата која блокира и групата работници ангажирани на археолошките ископувања од страна на финансиерот „Еуромакс Рисорсис“, бидејќи секојдневно ги губат ветените дневници.

„Се обидовме на собраните селани да им објасниме дека ние, археолозите, не сме нивниот проблем, но сепак се повлековме за да не дојде до посериозни инциденти“, додава Манински.

Тој вели дека засега не била побарана полициска асистенција, но не ја исклучува можноста таа да биде побарана доколку не бидат во можност да ги реализираат обврските околу истражувањата за кои имааат дозволаа од Министерство за култура.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...