fbpx

И покрај платен паркинг и налепница за инвалидитет, велешанка за паркирано возило плати казна од 50 евра

За дискриминацијата со која се соочила, Гаврилова-Станковска јавно проговоре на социјалните мрежа. Мета.мк веднаш се обрати до ЈП Градски паркинг преку електронска пошта, но не добивме одговор на нашите прашања. Директорот на јавното претпријатие, Крсте Петревски, не одговараше на нашите повици, ниту пак на смс-пораката

-

Велешанката Билјана Гаврилова-Станковска вчера се соочила со голгота, откако вработените во ЈП Градски паркинг-Скопје ја казниле со 3.000 денари за непрописно паркирање на место за инвалидизирани лица, иако нејзиниот автомобил бил обележан со знак за инвалидитет и членската карта од Здружението за лица со посебни потреби била оставена на шалт таблата. Исто така, таа уредно си платила паркинг преку смс-порака.

За дискриминацијата со која се соочила, Гаврилова-Станковска јавно проговоре на социјалните мрежи. Мета.мк веднаш се обрати до ЈП Градски паркинг преку електронска пошта, но не добивме одговор на нашите прашања. Директорот на јавното претпријатие, Крсте Петревски не одговараше на нашите повици, ниту пак на смс-порака за да образложи од кои причини му била напишана казна на лице со инвалидитет, чие возило е означено и уредно е платен паркингот.

„И покрај сите предизвици и сопки што ми ги нанел и нанесува животот, наместо ова наше општество да ни ги олесни работите како лица со посебни потреби, тоа нас нè удира по нос. Отидени во Скопје нормално по болници, на враќање паркирани на автобуска станица на паркинг означен за инвалидни места, колата означена со знак за инвалид, со членската од здружение на лица со посебни потреби ставена на шалт табла, пратена порака…ни ставаат блокада… Се јавуваме на бројот, доаѓаат дечките од градски паркинзи, ги прашуваме зошто е блокадава, кога сè е уредно направено по правила, првично велат: ‘Aма вие сте од друг град”, ко божем мајко мила, јас кога ќе отидам во Скопје инвалидноста ми завршува и не смеам да паркирам на место означено за инвалиди“, пишува Гаврилова – Станковска.

Фото: Фејсбук, преземено со дозвола

На прашањето зошто автомобилот ѝ е блокиран, таа вели дека добила одговор дека „кога си паркиран на инвалидско место, пораката не важи”.

По консултациите кои по телефон ги направиле вработените во ЈП Градски паркинг на лице место, на Гаврилова-Станковска, сепак, ѝ било кажано дека казната од 3.000 денари мора да си ја плати, за да биде тргнат блокаторот од автомобилот.

Фото: Фејсбук, преземено со дозвола

За сличен ваков случај во јавноста беше соопштено и пред неколку месеци, кога лице со телесен инвалидитет од Делчево и покрај уредно платен билет за паркинг пред клиника во Скопје, добил блокатор и платил казна. Фискалните сметки за платениот паркинг како доказ не помогнале, па нему дури и грубо му било кажано дека ако не го тргне возилото веднаш, казната ќе биде уште поголема. Образложението што го добил било дека за да паркира на јавен паркинг назначен за лица со хендикеп, треба да биде член на Здружението на лица со телесен инвалидитет од Скопје.

Оваа област очигледно не е доволно прецизно регулирана во земјава. Начинот да се дојде до налепница за инвалидитет е прилично лесен, па затоа лицата со инвалидитет на шалт таблата од автомобулот како доказ ја оставаат и членската книшка од здружение за лица со посебни потреби, за да можат да паркираат на посебно означено место. Оваа членска книшка се добива врз основа на лекарска документација со која се докажува инвалидитетот.

Лицата со инвалидитет кои не се од Скопје, според Правилникот на Град Скопје, мораат да платат паркинг за да паркираат на посебно означеното место во главниот град, додека за оние што се од Скопје, услугата е бесплатна.

„Според ова што ми се случи, произлегува дека ние фактички не можеме да паркираме никаде во Скопје, дури и доколку си платиме. Мене не ми е до парите што ќе ги дадам за паркинг, не ми е ни до парите што ги платив за казната, до правата ми е“, вели Гаврилова-Станковска за Мета.мк.

Таа објаснува дека сепак, постои начин да се реши овој проблем, кој по објавувањето на нејзиниот статус предизвика големо внимание во јавноста. Гаврилова-Станковска вели дека добила извинување од директорот на ЈП Градски паркинг – Скопје, Крсте Петревски. Тој, како што објаснува велешанката, ја исконтактирал телефонски и ја известил дека ќе одржи средба со здруженијата на лица со посебни потреби, но и средба со вработените – за да ги обучи како треба да постапуваат во вакви случаи во иднина.

Утринава, парите за казната што ги платила Гаврилова-Станковска ѝ биле рефундирани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...