Владата очекува опозицијата да ги покаже во пракса декларативните заложби за евроинтеграција на земјата, соопштија од Владата одговарајќи на прашање на „Мета“ дали имаат план „Б“, по најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествува во носењето на законите и на реформската агенда поради притворањето на шест од нејзините пратеници.
– Владата смета дека реформските приоритети предвидени во планот „3-6-9“ се од исклучително значење во насока на забрзување на интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ. Очекуваме дека сите политички субјекти во Македонија, покрај декларативните заложби за евроинтегративните процеси, имаат разбирање и за чувствителноста на актуелната состојба во која се наоѓа земјата и очекувањата на Владата се дека сите активности во рамките на планот „3-6-9“ за кои е потребен политички консензус во Собранието ќе бидат соодветно поддржани во интерес на севкупниот развој на земјава и на просперитет на сите граѓани – изјави Бошњаковски.
Откако минатата недела беа приведени 36 лица за насилствата во Собранието од 27 април, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја блокираше работата на Комисијата за финансирање и буџет, а координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, изјави дека го смениле својот став за поддршка на планот „3-6-9“.
Судот вчера им одреди притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, а нивните колеги, Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, добија куќен притвор. По ваквата судска одлука, Александар Николовски на синоќешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „невозможен е политичкиот дијалогот во Собранието ниту, пак, да се гласа за закони, за европска агенда, за буџет и за реформи“.