Во последните неколку месеци штипската полиција врши засилени акциски контроли на автoбусите и другите возила за јавен превоз на патници, вклучувајќи ги и работничките автобуси. Полицијата последната акција ја спроведе вчера, кога во период од пет часа на технички преглед упати 93 автобуси и други возила за јавен превоз.
„При контролите констатирани се девет неправилности, односно кај два е утврдена неисправност на уред за запирање, кај еден неисправен уред за управување, четири неисправни светлосни уреди и два непродолжена регистрација. Преземени се вкупно 15 мерки по горенаведените прекршоци, односно шест се исклучени од сообраќај, издадени се шест прекршочни платни налози и тројца возачи писмено се опоменати. Санкционирани се и 18 остананти прекршоци “, соопшти СВР Штип.
Последните неколку месеци, по трагичната несреќа на автобусот на „Дурмо турс“, интензивирани се акциските контроли на возила што превезуваат патници. Но, како што се бројат контролите, така се зголемува и бројот на нотираните неисправни возила.
Ова, според сообраќајниот инжинер и член на Советот за превенција во Штип, Роберто Рогожаров, се должи на застарениот возен парк, кој се вози низ улиците. Рогожаров, кој е на чело на Авто-мото друштвото Штип, во чија сопственост е една од станиците за Технички преглед вели дека не памети кога последен пат некој купил нов автобус, кој со опрема не е поевтин од 100.000 евра. Негова проценка е дека патниците се превезуваат со автотбуси, од кои најновиот е во функција најмалку 12-13 години. Цената на западниот пазар на овие автобуси е нешто над 10.000 евра.
„Без исправни кочници и волан, односно уред за управување, ниеден автобус или комбе не смее да биде пуштен во сообраќај. Потребни се почести контроли, по пример на практиката од пред десетина години, кога полицијата ги носеше автобусите секои три месеци во станиците на технички преглед , директно од автобуските станици“, вели Рогожаров.
Во Штип нема јавен линиски автобуски превоз, но голем е бројот на автобуси и комбиња со кои превезуваат работници по конфекциите и други компании. Некои од конфекциите сами набавија свои автобуси, главно увезени половни од Германија и други западни земји.