Албанија и Македонија продолжуваат со слаб индекс на перформанси во однос на трговската размена. За време на заедничките меѓувладини состаноци, шефовите на двете држави се заложија дека ќе ја зајакнат соработката меѓу двете земји. Но, официјалните бројки за увоз – извоз не го покажуваат тоа, пренесува „Порталб.мк“.
Првата меѓувладина средба меѓу Албанија и Македонија, што се одржа на 16 декември 2017 година во Поградец, се сметаше за „ново поглавје“ во односите меѓу двете земји. Лидерите ветија зајакнување на соработката, особено во делот на трговската размена. Заедничкиот комитет за економска соработка меѓу двете земји се оцени како „инструмент“ што ќе овозможи интензивирање на трговската размена.
Но, според Институтот за статистика, ИНСТАТ трговските односи Албанија-Македонија не се многу „оптимистички“. ИНСТАТ известува дека увозот и извозот и понатаму се нестабилни. Според ИНСТАТ, во текот на 2018 година Албанија има извезено во нашата земја стока со вкупна вредност од 68.832.000 евра.
Во текот на 2019 година, вредноста на стоките извезени во Македонија изнесуваше 69.784.000 евра, што е речиси минимално зголемување, особено кога ќе се спореди со другите земји од регионот. Состојбата не е оптимистичка и при увозот на стока од Македонија. Во текот на 2018 година, Албанија има увезено стоки во вредност од 78.130.920 евра, бројка која падна на 69.825.000 евра во текот на минатата година.
Осврнувајќи се на официјалните бројки на ИНСТАТ, географската близина и другите аспекти помеѓу Албанија и Македонија, се чини дека меѓувладините состаноци не придонеле за зголемувањето на трговските перформанси меѓу двете земји.