И по осамостојувањето, на младите без родителска грижа им треба поддршка

Фото: Исечок од видео на АПИСЕЕД

По напуштање на заштитните установи/семејства, односно на системот во кој биле згрижени, младите лица без родители и родителска грижа се соочуваат со низа предизвици и заради сериозната промена сè уште имаат потреба од поддршка и помош од државата. На почетокот од личното осамостојување, задоволувањето на нивните основни потреби (биолошки, социјални, психолошки) не се одвива лесно, а младите се уште се во возраст кога од големо значење се психолошките потреби од сигурност, безбедност, блискост, љубов, отсуство на страв и неизвесност.

Ова го покажува неодамнешното истражување во рамки на проектот „Овозможување на услови за социо-економска интеграција на децата без родители и родителска грижа“ спроведуван од Здружението за социјално претприемништво и одржлив развој АПИСЕЕД и Здружението за деца без родители и родителска грижа „Голема Фамилија“. Проектот е финансиран од Европската Унија во рамки на проектот „Дали личиме на ЕУ – Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Северна Македонија“ имплементиран од НВО Конфиденс (Балкон3).

Според истражувањето, овие млади истакнале дека социо-емотивна поддршка им е потребна и во периодот додека самостојно продолжуваат во животот, продолжувајќи со образованието и личната надградба, со својот развој како личности. Посебно ја истакнуваат потребата да имаат со кого да разговараат и добијат водство за одредени прашања. Исто така, се потенцира дека постоечкиот систем на услуги и понудени законски решенија кои се однесуваат на децата без родители и родителска грижа не ги задоволува потребите на оваа ранлива група граѓани. Утврдени се низа недостатоци за чие надминување ќе биде потребна интервенција и менување на постоечката законска регулатива, но и изнаоѓање алтернативни решенија таму каде што системот е немоќен.

Покрај истражувањето, се одржа и тркалезна маса, на која заедно со претставници од Владата и надлежното Министерство за труд и социјална политика, како и претставници на здруженија на граѓани кои се борат за почитување на детските права и слободи, се дискутираше за резултатите од истражувањето, слабостите и недостатоците во постоечкиот систем за социјална заштита (пред се, правната регулатива) и дадените предлози во насока на измени на законската регулатива од оваа област.

Во духот на самиот проект „Дали личиме на ЕУ?“ како финална активност беше креирањето на краткиот документарен видео запис „Исправени пред предизвиците!“. Видеото е креирано за потребите на кампањата која повикува на почитување на основните права и слободи на оваа целна група, но и давање соодветна поддршка и помош, посебно на оние лица кои со навршување на 18 години се соочуваат со предизвикот наречен „самостоен живот“.

Свесни за предизвиците кои ги носи современиот начин на живот, испитаниците сакаат да се надградат со соодветни вештини и знаења кои ќе им овозможат да бидат конкурентни на пазарот на труд, односно, во крајна линија ќе им помогне да се осамостојат и да стекнат свој дом.

„Потребно е на локално ниво да создаваме модели и механизми за изнаоѓање решенија кои ќе им помогнат и овозможат на децата без родители и родителска грижа, но и на другите ранливи и маргинализирани групи, социјална и економска интеграција во општеството. Она што е најважно е што секој од нас може и треба да помогне во рамки на своите можности“ вели Александар Димитровски – претседател на здружението АПИСЕЕД.

Во видео записот, во кој Христијан Јованов, Иван Усовски и Сербез Ридаров ги споделуваат своите лични приказни за животот по напуштање на детскиот дом „11 Октомври“ и ги охрабруваат своите „браќа и сестри“ да веруваат во себе и да не се откажуваат од своите соништа.