И по тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци што се случи во февруари лани, Македонија продолжува со зголемување на увозот на половни автобуси и минибуси од странство за превоз на патници. Податоците од Царинската управа покажуваат дека не само што не се намалил, туку во 2019 година бил постигнат рекорд во увозот на стари и веќе употребувани превозни средства во патниот транспорт од странски земји.

Минатата година биле увезени 217 половни автобуси и минибуси, додека само 18 од нив биле нови. Трендот на увоз на ваквите превозни средства продолжил и на почетокот од 2020 година, при што во јануари и февруари годинава се увезени 45 половни и само 1 нов автобус или минибус во земјава.

Последните податоци на Државниот завод за статистика за староста на автобусите што сообраќаат во земјава покажуваат дека над 80 отсто од возниот парк бил постар од 10 години. Просечната возраст на автобусите што сообраќаат во нашата земја во 2018 година изнесувала 18,7 години.

И покрај тешките сообраќајни несреќи во кои учествуваа автобуси и минибуси во изминатиов период, засега државата не презема никакви мерки за заострување на увозот на ваквиот половен возен парк од странство. И додека државните власти не реагираат на овие загрижувачки бројки, граѓаните сѐ помалку го користат автобускиот превоз во меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека лани во меѓуградскиот автобуски превоз биле превезени само 5.827.000 патници, односно за 2 милиони помалку од 2018 година. Во меѓународниот автобуски превоз во 2019 година биле превезени само 644.000 патници.