За да се заштити планината Водно од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, градските инспектори и овој викенд ќе продолжат да вршат засилени контроли во однос на непрописното паркирање на јавни површини, информираат од Град Скопје.

„Град Скопје воведе две нови автобуски линии – автобусот со број 25А тргнува од пред катната гаража „26 Јули“ на улицата Свети Кирил и Методиј, а автобусот со број 25Б – од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат). Овие две автобуски линии до Средно Водно се бесплатни за време на викендите и државните празници, а во овие денови бесплатно е и паркирањето во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат),“ потсетуваат од Град Скопје.

Градските комунални редари изминатиот викенд на Водно вршеа засилени контроли за непрописното паркирање на јавни површини и изрекоа вкупно 76 казни за паркирање во зеленило (14 во сабота и 62 во недела).