fbpx

И натаму во потрага по „душата на Унијата“

Годишниот говор на претседателката на Европската комисија фон дер Лајен

-

Под насловот „Јакнење на душата на нашата Унија“, претседателката на Европската комисија на 15 септември оваа година го поднесе нејзиниот втор годишен говор за состојбите во Унијата.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Аналитичарите, преку анализа на содржината, побрзаа да извлечат заклучоци за смената на приоритетите од минатата година до денес. Така, европскиот портал „Политико“ ќе забележи дека оваа година, претседателката многу повеќе споменува „одбрана и безбедност“, но и „слобода“, за разлика од минатата година, кога „следната генерација ЕУ“ и „водечка“ биле најчесто употребуваните зборови.

Подлабоката анализа ќе покаже дека ова е сосема логично, ако земеме предвид дека она што беше главно ветување минатата година – борбата против пандемијата и економското заздравување сега можеа да бидат претставени во позитивно светло. Економијата започува да излегува од криза, а фондот за заздравување е воспоставен и почнува да функционира. 72 отсто од возрасното население во ЕУ е вакцинирано; слободата на движење во рамките на Унијата е вратена со КОВИД-пасошот. Меѓутоа, избегната беше темата за разликите во режимите меѓу државите членки. Фактот дека Унијата ни оддалеку не го исполни даденото ветување кон трети земји за солидарност во вакцинацијата беше покриен со ново ветување.

И во поглед на климатските промени, претседателката можеше да се пофали со пакетот тринаесет предложени законски акти за реализација на Европскиот зелен договор, со кој целите за намалување на емисиите беа поамбициозно поставени на 55 отсто до 2030 година. Најави и нов Социјален климатски фонд за енергетска сиромаштија, но и дуплирање на надворешната помош за климатски примени. Акцентот во оваа област фон дер Лајен го сврте кон повикување на одговорноста на другите глобални актери –  пред сѐ САД и Кина, изразувајќи високи очекувања од најавената конференција на ОН на оваа тема во Глазгов во ноември годинава.

Од дигиталната агенда во центарот на вниманието се најде иницијативата за легислатива за европски чипови одн. за т.н. „технолошки суверенитет“. Ова доаѓа како реакција на зависноста од увозот од Азија, па недостигот на полупроводници се изрази и во застој на некои сектори, како што е автомобилскиот.

Во областа на социјална пазарна економија, се издвојуваат најавите за новата програма за млади АЛМА, 2022 година како Година на европските млади, нова европска стратегија за нега и борбата против даночната евазија.

Најкритичните точки на Унијата денес се во областите на одбраната, миграцијата, владеењето на правото и надворешната политика.

Се чини дека засега Унијата нема поконкретен одговор на одбранбените предизвици, особено нагласени по повлекувањето на НАТО од Авганистан. Претседателката на Комисијата ја потврди потребата од Европска одбранбена унија, за што ќе се дискутира на Самитот за европска одбрана под француското претседателство. Најави и заедничка декларација со НАТО до крајот на годинава. Веројатно е дека темата допрва ќе се вжештува по, според француската оценка, „забивањето нож во грб“ од страна на САД со продажбата на нуклеарните подморници на Австралија наместо веќе договорените француски конвенционални подморници.

На претседателката на Комисијата ѝ преостана да апелира за постигнување согласност за предложениот Пакт за миграција и азил – процес што оди премногу бавно, поради различните ставови на државите членки.

Душата на ЕУ, според, фон дер Лајен е во нејзините вредности – демократијата, слободата, владеењето на правото. Бараше државите членки да ги почитуваат одлуките на Судот. Најави и легислативен предлог за слобода на медиумите. Сепак, претрпе сериозни критики од европарламентарците токму на сметка на недоволната имплементација на заложбите за владеењето на правото.

Конечно, се чини најинтригантна најавата за нова стратегија за меѓуповрзаност „Глобален портал“ како одговор на иницијативата на Кина „Појас и пат“, односно експанзијата на Кина со поддршка и изведба на инфраструктурни проекти во странство. Иако сѐ уште не се јасни клучните точки на оваа стратегија, очигледно е дека Унијата ќе заземе поагресивен пристап, преку партнерства со одделни држави, односно групации на држави за „квалитетна инфраструктура“. Ова се најавува како еден од приоритетите за регионалните самити, почнувајќи од најавениот самит ЕУ – Африка февруари идната година.

Во едночасовниот говор не изостана Западниот Балкан, но само со повторена заложба за пристапување и најава за скорешна посета на регионот – во кој, патем, сѐ уште се верува дека и душата и телото му се европски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...