И мерната станица во Центар жртва на горештините: Крахира мониторингот на аерозагадувањето

Skopje i Vodno sonce sonchevo krstot od Kale

Мониторинг системот на мерната станица Центар е надвор од функција и не го мери аерозагадувањето во центарот на Скопје. Последните податоци кои ги испраќаше оваа мерна станица континуирано покажуваа зголемени вредности на ПМ 2,5 честичките од 62 микрограми на кубен метар, а вчера од 18 часот оваа мерна станица е исклучена. Претходно на истата станица откажа сензорот за ПМ 10 честичките.

Неофицијално, се работи за дефект предизвикан од високите температури. На дефектот вчера предупреди и основачот на страницата „Мој воздух“, Горјан Јовановски, преку својот Фејсбук профил и праша: Дали ова ќе биде уште една станица што ќе биде тргната надвор од употреба како Лисиче и Гази Баба?“

– Доста глумиме, ова мора да запре! Ова што се случува со мониторинг системот на квалитет на воздухот е само показател во каква состојба ни е мониторингот за сите медиуми на животна средина. Некои не ни профункционирале никогаш, некои трчи, трчи, застани, кубурат постојано, немаат добра покриеност и немаат континуитет  – вели Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.

Со оглед дека со месеци нема податоци за аерозагадувањето со ПМ10 честичките од станиците Тетово, Битола 2, Кавадарци, Кичево и Велес и дури цела една година не работат мерните станици во Гази Баба и Лисиче, остануваат само податоците добиени од аматерската мрежа „Пулсе“ кои не се сметаат за релевантни од страна на Министерството за животна средина.

Според Планот за чист воздух, усвоен од страна на Владата на крајот на минатата година, како прва од петте приоритетни компоненти за справување со изворите на загадување беше утврдено дека ќе биде: „Мониторинг – комплетна замена на сите инструменти во 18 мониторинг станиците и примена на современи математички модели за моделирање и соодветно предвидување на аерозагадувањето“.

Како што информираше „Мета“, МЖСПП најави замена на мерни инструменти од постоечките мониторинг станици преку ИПА 2 програмата, финансирана од ЕУ, најрано во 2020 до 2022 година. Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули на крајот на 2018 година изјави дека набавката на новите инструменти ќе се случи „на самиот почеток на 2019 година“.

Од О2 Иницијатива ги прашуваат надлежните како ќе биде пресметана просечната годишна или месечна вредност, ако нема соодветни податоци со месеци и  дали на овој начин планираат да стигнат до „почист воздух“ во сумираните резултати на крајот од годината?