И Маврово да се ослободи од мали хидроцентрали, апелира „Еко свест“

Национален парк Маврово | Фото: Adriaan Castermans, CC BY-SA 3.0, на Викимедија комонс

Раскинувањето на концесиите за изградба на малите хидроцентрали во Националниот парк „Шар Планина“ треба да продолжи и во „Маврово“, апелираат од граѓанската организација „Еко свест“. Екологистите ја поздравија одлуката на Владата и заложбите на Министерството за животна средина за раскинување на договорите со концесионерите на седум мали хидроцентрали на Шара, но сметаат дека за вистинска заштита на реките и на биодиверзитетот, процесот мора да продолжи и во другите заштитени подрачја.

Укинувањето на договорите за овие енергетски објекти во НП „Маврово“, сметаат екологистите, ќе биде првиот и најважен чекор и во одглавување на процесот за репрогласување на нашиот најстар национален парк, во кој повеќе од десет години, како резултат на неодржливото управување се предизвикуваат огромни штети по екосистемите, биодиверзитетот и вредностите на паркот.

„Малите хидроцентрали прават непоправливи штети по реките и екосистемите и не смеат да се градат во заштитените подрачја, а реките без препреки се еден од најважните елементи за здравјето на екосистемите“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко свест“.

Посочува дека одлуката на Владата покажува дека повеќе нема простор да се игнорираат научните сознанија за огромното негативно влијание на малите хидроцентрали врз заштитените подрачја, но потенцира дека и во НП „Маврово“ има издадени концесии кои мора да се раскинат што побрзо, за да се овозможи одржливо и интегрирано управување со паркот.

Националните паркови и заштитените подрачја се клучни за заштита и зачувување на биолошката разновидност, а имаат и непроценлива улога во одржување и подобрување на квалитетот на водата што ја пиеме, заштита на подземните води и подобрување на квалитетот на воздухот.

„Ова може да биде и пресвртница во нашиот пристап на заштитата на природата, a пред сè на реките. Во нашето законодавство, но и преку ратификуваните меѓународни конвенции, имаме силни механизми кои доколку правилно се применат може да ни помогнат низ целата земја да имаме чисти и здрави реки“, смета извршната директорка на Еко-свест, Ана Чоловиќ-Лешоска.

Основите за заштита на реките можат да бидат различни, од нивното значење за локалните заедници, значењето за заштита на биодиверзитетот, па сè до уникатноста на пределот што го создале низ милениумите.