Почнувајќи од денес, Канада ја забранува апликацијата за видеа ТикТок на сите уреди издадени од страна на владата, јави Би-би-си. Со оваа одлука Канада им се придружи на Соединетите Американски Држави и Европската комисија во преземањето чекори поради загриженоста околу располагањето со податоците на корисниците на апликацијата што е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс“.
Владиниот портпарол соопшти дека одлуката следува по проценката на главниот директор за информации на Канада, а ТикТок е опишана како апликација која „претставува неприфатливо ниво на ризик за приватноста и безбедноста“.
Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека постои доволна загриженост за безбедноста околу апликацијата за да се бара промена.
„Ова можеби е првиот чекор, можеби е единствениот чекор што треба да го направиме“, изјави Трудо на вчерашната прес-конференција.
ТикТок, истовремено, е под истрага на канадските регулатори поради загриженост за користењето на податоците, особено околу тоа колку е валидна согласноста дадена од корисниците за ТикТок да ги собира нивните лични податоци.
„Иако ризиците од користењето на оваа апликација се јасни, во овој момент немаме докази дека владините информации се компромитирани“, изјави претседателката на Одборот за финансии во Канада, тело под чие раководство е главниот директор за информации во земјата.
Околу четвртина од возрасните Канаѓани користат ТикТок, покажало неодамнешното истражување на истражувачите од Универзитетот Метрополитен во Торонто.
ТикТок е критикувана за начинот со кој располага со личните податоци на корисниците и врските со кинеската влада.
Од компанијата, како и по случаите во САД и со Европската комисија, рекоа дека се разочарани од одлуката.
Од ТикТок инсистираат дека кинески владини претставници немаат пристап до податоците на корисниците и дека кинеската верзија на апликацијата е одвоена од онаа што се користи во остатокот од светот. Меѓутоа, минатата година компанијата призна дека дел од персоналот во Кина може да пристапи до податоците на европските корисници.
На американските федерални вработени кон крајот на минатата година им беше забрането да користат ТикТок, а вчера Белата куќа им даде на владините агенции 30 дена да ја исчистат апликацијата од нивните системи.
Голем број американски универзитети исто така забранија апликацијата да се користи на нивните мрежи. Пошироки јавни забрани има и во Индија и во неколку други азиски земји, пишува Би-би-си.
Забраната за бришење на ТикТок од уредите на вработените во Европската комисија, пак, треба да стапи на сила на 15 март.