И граѓаните и компаниите мораат да го намалат нивниот јаглероден отпечаток

Фото: Влада на РСМ

Компаниите да користат иновативни решенија и одржливи зелени технологии во својата работа и да дадат свој придонес во ефикасно користење на природните ресурси и намалување на нивниот јаглероден отпечаток. Од Центарот за климатски промени апелираат до бизнисите да создаваат одржливи екопрактики на работните места, не само за да ја исполнат својата корпоративна општествена одговорност, туку и затоа што на тој начин ќе добијат бенефити како што се намалени оперативни трошоци, подобрено здравје и благосостојба на вработените, а воедно и позитивно влијание врз крајните резултати од работата на самата компанија.

Според Сандра Стојковска, проектна координаторка на проектот „SustainABLE“, по усвојување на Зелениот договор на ЕУ за справување со климатската криза во 2019 година, а потоа и потпишување на договорот за Зелена Агенда за Западен Балкан, вели дека сите анализи и научни истражувања покажуваат потреба за промена на однесувањето кај сите, вклучувајќи ги и граѓаните и организациите и компаниите за намалување на еколошкиот и јаглеродниот отпечаток, како и зголемување на потребата за промена на начинот на водење на бизнисите. Таа вели дека за напорите за креирање на соодветните политики за стимулирање на овие измени кон зелена транзиција е потребна поддршка и од граѓаните, организациите и компаниите. Посочува дека во рамките на проектот ќе се изработи и водич за одржливи практики на работното место, прилагоден за граѓанските организации, што ќе вклучува и патоказ за можна зелена дигитална транзиција кај граѓанскиот сектор.

„Целта на проектот е воведување на одржливи работни практики, преку промена на однесувањето на луѓето кои работат во граѓански организации, но и преку подигање на свеста и развивање на квалификации за спроведување на одржливи работни практики засновани на клучните принципи за одржливост како што се циркуларна економија, енергетска ефикасност, одржлива храна и мобилност, работа од дома. Преку ваквите активности особено во новата дигитална ера ќе се овозможи зелена дигитална транзиција која директно ќе придонесе кон намалување на CO2 емисиите и минимизирање на јаглеродниот отпечаток“, истакнува Стојковска.