И годинава ниту еден македонски универзитет меѓу најдобрите илјада на Шангајската листа

фото: принтскрин: 2022 Academic Ranking of World Universities / ShanghaiRanking

Објавено е Академското рангирање на светските универзитети за 2022 година од страна на организацијата „ShaghaiRanking Consultancy“, познато како Шангајска листа. Меѓу најдобрите илјада универзитети и годинава не се најде ниту една македонска високообразовна установа.

На врвот на листата и годинава доминираат универзитети од САД – како најдобар универзитет повторно е рангиран Унвиерзитетот Харвард на прво место, на второ место се наоѓа Универзитетот Стенфорд, а на трето Институтот за технологија Масачусетс (МИТ). Всушност, првите 15 места се „зафатени“ од американски универзитети, со исклучок на Универзитетот Кембриџ на четвртото, и Оксфорд на седмото место – и двата од Обединетото Кралство.

Од регионот, од 401 до 500 место се рангирани Универзитетот во Белград, Универзитетот во Љубљана и Загрепскиот универзитет. На листата 1.000 најдобри универзитети се наоѓа уште еден српски универзитет – оној во Нови Сад, сместен на позицијата меѓу 901 и 1.000 место.

Меѓу четирите грчки универзитети кои се најдоа на листата, најдобро рангиран е Универзитетот во Атина на 301-400 место, потоа Универзитетот во Солун од 501 до 600 место,  Критскиот универзитет од 601 до 700 место и Универзитетот во Тесалија од 801 до 900 место.

Покрај македонските, на Шангајската листа ниту годинава не се рангираа универзитети од Бугарија и Албанија.

Инаку, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје е единствениот македонски универзитет кој се наоѓа на листата на 2.000 најдобри универзитети што ја објавува Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR). По неколкугодишен пад, УКИМ годинава се најде на 1.964 место.

За потсетување, во март годинава во јавноста се рашири дезинформација дека УКИМ наводно паднал на Шангајската листа, при што политичката партија ВМРО-ДПМНЕ рангирањето на CWUR лажно го претстави како Шангајска листа. Оваа дезинформација, без да се провери вистинитоста на истата, тогаш ја пренесоа бројни домашни медиуми.

УКИМ го нема на Шангајската листа, јавноста се дезинформира со стара вест