fbpx

И годинава може да се аплицира за субвенции за „Купи куќа, купи стан“

-

Министерство за финансии информира дека граѓаните и годинава ќе можат да аплицираат за субвенција за станбен кредит од државата, преку проектот „Купи куќа, купи стан“.

Од таму додаваат дека објавен е јавен повик согласно кој, граѓаните ќе можат да поднесат барање заклучно 31 декември 2021 година за државна субвенција на учеството или месечната рата за купување на стан или на куќа.

„Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години и истата може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години. Граѓаните можат да аплицираат за шест различни модели кои нудат различни поволности согласно тоа дали сакаат да аплицираат за субвенционирање на месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали аплицираат за купување на стан или куќа и во зависност од возраста. Повеќе за моделите може да се види на прирачникот објавен на веб-страната на Министерството за финансии,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека каматната стапка за станбениот кредит преку проектот е исто така исклучително поволна. За моделите каде се субвенционира ратата за првите 3 години изнесува 2,9 проценти, а за четвртата и петтата година 3,9 проценти. Кај моделите каде се субвенционира учеството, каматата изнесува 4 проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен еурибор (референтна каматна стапка објавена од Европката банкарска федерација)

„Дополнителна поволност која ја дава проектот за корисниците е дека за секое новородено или посвоено дете, ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти. За проектот може да аплицираат лица кои се или не се во брак, a кои ги исполнуваат следните услови: не смеат да имаат стан или куќа на свое име или на име на брачниот другар, месечните приходи не смеат да надминуваат 900 евра доколку не се во брак или 1.300 евра доколку се во брак, продажната цена на станбениот објект мора да биде до 900 евра за метар квадратен и станот и куќата кои се купуваат или градат мора да бидат новоградба, односно да се купат од инвеститор или изведувач. Исто така станбената површина не смее да надминува 150 метри квадратни,“ се додава во соопштението.

Минатата година преку проектот се одобрени 278 барања за субвенциониран станбен кредит, од коишто 259 се за купување нов стан, а 19 за изградба на куќа. Вкупно од почетокот на проектот досега одобрени се 1.693 барања за купување на стан или куќа, или скоро 1.700 граѓани или семејства преку проектот дошле до сопствен дом.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 13 часот е 26,3 отсто

Излезноста до 13 часот во првиот круг од претседателските избори е 26,35 отсто. Гласале 430.364 граѓани, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК). Оваа бројка е во реалност и...