И „Форд“ ќе продава само електрични автомобили во Европа

Електрично возило
фото: CHUTTERSNAP на Unsplash

Сè поголем е бројот на брендови во автомобилската индустрија кои го намалуваат производството на бензин и дизел возила и најавуваат префрлување кон производство само на електрични и хибридни возила.

Производителот на автомобили „Форд“ соопшти дека до крајот на 2030 година неговата понуда на возила во Европа ќе биде составена исклучиво од целосно електрични возила.

Но, пред да се префрли кон производство и продажба само на електрични автомобили до крајот на деценијата, компанијата најави дека до 2026 година е предвидено секој нивни модел на патнички автомобил да има или електричен или хибриден приклучок за напојување.

Со ова, „Форд“ се приклучува кон останатите производители кои најавија производство на исклучиво електрични возила во Европа, како  „Хонда“, „Јагуар“ и „Бентли“.

Овие одлуки доаѓаат откако Европските регулатори ја намалија дозволената емисија на штетни гасови, а некои земји, како Велика Британија, планираат и да забранат продажба на нови возила со бензин или дизел мотори после 2030 година. Франција го најави истиот чекор, но за една деценија подоцна.

„Форд“ соопшти дека ќе потроши 1 милијарда долари за надградба на нивната фабрика во Келн, Германија, каде ќе биде произведен првиот европски модел на батерии во 2023, користејќи ја технологијата за електрични автомобили на „Фолксваген“.

„Денешната најава за трансформација на нашиот објект во Келн, домот на нашето работење во Германија повеќе од 90 години, е едно од најзначајните што Форд ги направи во текот на цела генерација. Ова ја подвлекува нашата посветеност кон Европа и кон модерна иднина со електрични возила во срцето на нашата стратегија за раст“, изјави Стјуарт Роули, претседател на „Форд“ во Европа.

Компанијата со 15 отсто удел во регионалниот пазар засега е најголемиот производител на автомобили што најави вакво нешто во Европа.

„Џенерал Моторс“ и „Волво“ исто така поставија слични амбициозни цели за наредната деценија.

Годинава, производителите на автомобили во ЕУ ќе се соочат со големи казни ако не ги исполнат стандардите за емисија на штетни гасови.

Европа е водечки пазар за електрични возила, престигнувајќи ја Кина минатата година како најголем светски пазар каде биле продадени најмногу електрични или хибридни автомобили. Едно од десет возила продадени во 2020 година низ цела Европа и САД биле електрични или хибридни.