Откако Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ ги раскина договорите со фирмата на Нефи Усеини, член на Советот на општина Охрид од редовите на ДУИ, има сериозни изгледи и други јавни претпријатија од оваа општина да ги раскинат договорите со таа фирма.

Локалната самоуправа нема склучено никаков договор со фирма или фирми блиски до советникот Нефи Усеини, истакна портпаролот на Општина Охрид Томислав Џамтоски. Но, фирма или фирми блиски на советникот учествувалe на два тендери. Едниот за рушење на дивоградби, од каде oтпаднала фирма блиска на советникот, и тендер за покривање на чечтири училишта во Охрид, постапка која сè уште е во тек.

По одлука на ЈП „Охридски Комуналец“ да бидат раскинати трите договори со компанијата „НE-ФИ ИК“ на Нефи Усеини, поради судир на интереси, а по препорака на Државната комисија за спречување корупција и мислењето кое таа го испрати до Општина Охрид – дека општината не може да влегува во деловни односи со фирма каде како сопственик се наоѓа член на Советот или е во сопственост на негови блиски лица, по сè изгледа и останатите јавни претпријатија од Охрид ќе го направат истото.

Неофицијално, ЈП „Градски пазар“ ќе раскине договор вреден 250.000 денари за набавка на градежни материјали, што како што велат од ова ЈП, нема да влијае на тековното работење на претпријатието и реализацијата на проектите, но дека ќе мора да се започне со нова постапка за набавка на градежни материјали.

Исто така виси во воздух договор со ЈП„Нискоградба“, вреден повеќе од 900.000 денари, за чијешто раскинување е побарано мислење од Антикорупциска комисија. Станува збор за договор за изработка на бекатон плочки. Иако од Антикорупциска не стасал одговор, сепак, според препораките оттаму, многу веројатно е и тој да биде раскинат. Како тоа ќе се одрази на работењето на јавното претпријатие останува да се види.

Со јавното препријатие „Градски Гробишта“ има еден договор, за набавка на градежни материјали, за кој исто така се очекува, според препораките на антикорупциска, да биде раскинат.