Одвај нешто повеќе од 600 евра биле собрани во донаторската акција преку мобилниот оператор „Вип“ за транспорт на телото на штипјанецот Сашо Коцев. Триесет и тригодишниот Коцев беше прегазен од камион во областа Валенсија, Шпанија, каде престојувал кај својата сестра. За транспортот на телото се потребни 4.400 евра.

Без поголем успех е и собирната акција што ја организира Општината Штип. Општината издвои 500 евра, колку што најави и Министерството за труд и социјална политика.

Десет илјади денари донираше Здружението на пензионери на Штип и уште толку даде приватна фирма. Половината од парите ќе ги обезбеди семејството на Коцев, кое живее во Шпанија. Меѓутоа, до петок треба да се обезбеди остатокот од 4.400 евра.

Родителите на Сашо ги повикаа хуманите граѓаните да помогнат да се пренесе телото на нивниот син и да го погребат во родниот Штип.