Охриѓанки за денеска најавија хуманитарна акција под мотото „Мајките даруваат за студентите“. Охриѓани ќе можат да донираат помош за студентите што прогласија автономна зона на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Акцијата ќе се одвива во времето од 16 до 17 часот, пред Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, а граѓаните ќе можат да донираат зеленчук, млечни производи, леб, кафе, вода, како и други средства што им се потребни на студентите кои ги окупираа факултетите на државните универзитети.

Собирањето помош за студентите е во организација на мајки на студенти кои ги охрабруваат своите деца и сите студенти да истраат во нивната борба за автономија на универзитетите.

Претходно, во Охрид беше спроведена акција за собирање парични средства, како помош на студентите, како спонтана акција на активисти организирани преку социјалните мрежи.