fbpx

Хрватските радарски системи го следеле дронот што се урна во Загреб, долетал преку Унгарија и Романија

-

Дронот што во хрватската престолнина Загреб предизвика експлозија и при ударот кој се случи синоќа околу 23 часот остави кратер во пречник од три метри ги вознемири загрепчани.

Полициската управа на Загреб добила повеќе пријави од граѓани дека почувствувале детонација на поширокото подрачје на населбата Јарун, на која ѝ претходел пад на објект од воздух.

„На местото на пријавата итно биле испратени полициски патроли и констатирале кратер на зелената површина на адреса Јарунска бб, додека на поширокото подрачје пронашле два падобрани за што исто така претходно добивме пријави од граѓани“, соопшти загрепската полиција.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ потврди дека се урнало беспилотно летало од руско производство.

„Според она што сега го имаме како информација, станува збор за летало од руско производство, не се знае дали е во сопственост на руската или на украинската војска. Се знае дека е дојдено во Хрватска од насока на Унгарија, а во Унгарија од Романија. Знаеме дека летало неколку минути над Хрватска и се урнало во Загреб“, рече Пленковиќ.

Тој денес разговарал за инцидентот со претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, со унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и со сите надлежни членови во владата, градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ и со амбасадорот на Хрватска во НАТО, Марио Нобило.

„Добро е што нема повредени и што леталото паднало во дел каде што нема куќи ни згради. Надлежните служби вршат истрага. Ја контактиравме и украинската страна да видиме дали тие имаат информации за тоа како леталото пристигнало дури до Загреб. Во секој случај, сите ќе вложат максимални напори да се утврдат причините за пристигнувањето и за падот на ова летало во Загреб“, изјави хрватскиот премиер.

Советникот на украинскиот министер за одбрана, Маркијан Либкијвски ги отфрли тврдењата кои се појавија во одредени медиуми дека паднатиот дрон е „Ту-141 Стриж“ и ѝ припаѓа на украинската армија.

„Овој воздухоплов не е наш и ги отфрлам изнесените наводи“, изјави Либкијвски.

Утрово итен состанок со членовите на оружените сили на Хрватска и безбедносно разузнавачките агенции свика и Хрватскиот претседател и врховен командант на вооружените сили, Зоран Милановиќ.

„Ова е сериозен инцидент и истрагата е во тек. Ги повикувам граѓаните да останат мирни, бидејќи вакви работи може да се случат во воени конфликти. Мора да утврдиме како дојде до ова и зошто ова летало со големина на авион не било соборено“, рече Милановиќ во воведниот дел од обраќањето.

Министерот за одбрана Марио Баножиќ на вонредна прес-конференција рече дека хрватските радарски системи го регистрирале и следеле беспилотното летало што се урна во Загреб, од неговиот влез од Унгарија околу 22 часот и 57 минути сè до падот.

„Тоа се движело со брзина од 700 километри на час и во хрватскиот воздушен простор било седум минути“, изјави Баножиќ.

Началникот на Генералштабот на хрватските вооружени сили, адмирал Роберт Храњ изјави дека авионите МИГ не биле подигнати кога леталото било забележано на радарот.

„Инцидентот е сериозен. Дознавме многу, но во тек е интензивна истрага“, изјави Храњ.

Прашан за шпекулациите дека леталото било вооружено, Храњ рече дека „првите информации не ја поддржуваат таа теза“.

Хрватската контрола на летање, објави дека леталото немало транспондер (уред за комуникација) и затоа не бил детектирано со секундарни радари што се користат за контрола на цивилни летови.

Хрватските власти ги повикаа медиумите одговорно да известуваат во јавноста и да презентираат проверени информации добиени од надлежните служби, со цел да се спречи ширење на дезинформации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Задолжителна стерилизација, гробишта за миленици, полиција за животни – новиот предлог закон влезе во Собрание

Сопствениците на кучиња и мачки ќе бидат должни да ги стерилизираат своите миленици, освен во случај ако се регистрирани како одгледувачи или одгледувачници. Регистрираните одгледувачи и одгледувачници ќе бидат...