Фото: Gage Skidmore, CC BY-SA 3.0 , на Викимедиа комонс

Главниот уредник на хрватскиот неделник „Глобус“, Здравко Милиновиќ во објавен коментар на 27 јануари постхумно ѝ се извини на актерката Мира Фурлан за објавениот фељтон во три продолженија на страниците на овој неделник во 1991 година, со што тие како редакција учествувале во медиумскиот линч против неа што се водел во Хрватска за време на распадот на Југославија.

Фељтонот во три продолженија во загрепски „Глобус“ бил објавен во есента 1991 година по учеството на Мира Фурлан на фестивалот „БИТЕФ“ во Белград. Уредникот Милиновиќ вели дека „Глобус“ имал споредна, но валкана улога во целиот медиумски линч против неа.

„Во нашето монографско издание по повод 30 години од излегувањето на „Глобус“ не се двоумевме да се сетиме на своите големи промашувања и неуспеси. Но, се чини дека е полесно да се паметат своите успеси. Попрво би се сетиле на добрите приказни отколку на промашувањата кои знаеле да имаат катастрофални последици“, пишува Здравко Милиновиќ.

Тој додава дека медиумскиот линч од 1991 година е периодот кога Мира Фурлан добила отказ од Хрватскиот народен театар и останала без својот стан во Загреб.

„Но, вистината боли. Затоа „Глобус“, барем сега и барем предоцна, мора длабоко да се поклони и длабоко да се извини“, пишува главниот уредник на неделникот „Глобус“.

Актерката Мира Фурлан е само дел од низата на јавни личности во Хрватска кои беа медиумски линчувани во периодот на распадот на Југославија поради своите ставови против војната и штетните последици од хрватскиот национализам. Меѓу нив, се наоѓаат Јелена Ловриќ, Рада Ивековиќ, Славенка Дракулиќ, Дубравка Угрешиќ, а некои како Славенка Дракулиќ заминаа да живеат надвор од Хрватска во периодот на напливот на национализмот.

Идентична судбина во екот на напливот на српскиот национализам, во Белград доживеаа и Богдан Богдановиќ, Иван Џуриќ, Радомир Константиновиќ, Миладин Животиќ, а некои интелектуалци како Богдановиќ и Џуриќ беа приморани да ги напуштат своите домови во Белград и да ги продолжат своите кариери во странство.

„Кога го напуштив Белград со својата сопруга, помислив дека некако ги преживеав сите тие ужаси и злосторства на територијата на поранешната земја“, ќе изјави архитектот Богдан Богдановиќ во едно од неговите интервјуа дадени во 90-тите години од минатиот век.

Инаку, актерката Мира Фурлан почина на 65-годишна возраст од западнонилска треска, на 20 јануари годинава, во Лос Анџелес, каде што живее уште од 90-тите години на минатиот век.