Хрватската писателка Дубравка Угрешиќ доаѓа во Скопје на книжевниот фестивал „Друга приказна“

Фото: Друга приказна

Главната награда на регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“ оваа година ќе ѝ биде доделена на угледната хрватска писателка Дубравка Угрешиќ, за нејзините вонредни остварувања во експерименталната проза. Разговорот со неа ќе го води Румена Бужаровска, а ќе бидат промовирани две нејзини нови книги на македонски јазик. За творештвото на Угрешиќ ќе зборуваат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка).

Регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“ своето седмо издание годинава ќе го реализира на 26 август во Сули-ан и на 27 и 28 август во МКЦ-Скопје.

Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони…

Со 15 гости од регионот и исто толку домашни, ќе се обидеме да ги лоцираме современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараме за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираме исклучителни интердисциплинарни проекти кои ги шират перцепциите на културата…

Фестивалот ќе го отвори Урош Крчадинац со самостојната трансдисциплинарна изложба „Бантустански мапи“ – илустрирани мапи од патописниот роман „Бантустан“. Изложбата ќе биде проследена со предавање на авторот.

Своите творештва на фестивалот ќе ги претстават: Сенка Мариќ (писателка, поетеса и уредница), Срѓан Срдиќ (поет и уредник), Маша Сеничиќ (поетеса, сценаристка и уредница), Јана Букова (писателка и поетеса), Данило Лучиќ (поет и уредник). На фестивалот ќе гостува и словенечката писaтелка за деца Јана Бауер, која беше лауреатка на фестивалот „Друга приказна“ во 2020 година.

И годинава повторно ќе се одржи традиционалниот перформативен натпревар со „едноминутни новели“ насловен „Овде паѓаат крупни зборови“, на кој со своите кратки фикции ќе се натпреваруваат 12 странски и домашни писател(к)и. Ова е вообичаено најпопуларниот настан на фестивалот, а изминативе години победници на натпреварот беа угледни авторски имиња.

Филмот „Долги реси“ на Драган Протиќ-Прота се фокусира на еден, денес заборавен дневен ритуал и преку духовито патување низ балканските дневни и спални соби, кројачки и куќни салони, ја оживејува „музиката“ на некогашните фабрики, заедници, естетски начела и ритуали. По проекцијата ќе следи разговор со авторот Протиќ.

Излагања во кои ќе ја претстават својата работа во наставата по книжевност и работата со млади ќе имаат и Ана Фазекаш (критичарка, уредница, есеистка), Хелена де Карина (професорка), Ружица Марјановиќ (професорка и уредница на фестивалот „На пола пута“), Барбара Прегељ (универзитетска професорка и истражувачка).

Ненад Тонкин ќе ја постави изложбата „Суштества страшни со фризури и машни“, скулптури со мал формат изработени од готови најдени предмети и рециклиран материјал, а мал концерт ќе одржи Димитра Цилевска.

Влезот на сите настани е слободен.