Министерот за образование на Србија, Младен Шарчевиќ, денеска со претставниците на хрватското Собрание и на Заводот за учебници потпишаа анекс-договор со кој се регулира прашањето за учебниците за хрватското малцинство што живее во Србија, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.
На овој начин се создадоа услови Хрватска да ја одблокира Србија за поглавјето 26 во пристапните преговори со Европската Унија.
Министерот Шарчевиќ изјавил дека процесот на обезбедување учебници за основно образование на сите јазици на националните малцинства подразбира заедничка работа со претставниците на советите на националните малцинства околу рецензентите, авторите и изборот на дигиталните учебници.
Хрватскиот министер за надворешни работи, Иво Штир, во Загреб изјавил дека се стекнати услови за да се одблокира поглавјето 26, кое се однесува на образованието и на културата.
Според него, со потпишаниот анекс, договорот не го регулира само преводот на учебниците од српски на хрватски, туку ќе бидат опфатени и содржините.
Српскиот премиер Александар Вучиќ се заблагодари на Хрватска за деблокадата и верува дека тоа ќе придонесе за подобри односи помеѓу двете земји.