Хрватска ИКЕА  ги отстрани пластичните производи за еднократна употреба, со цел да придонесе за заштита на животната средина и да создаде позитивно влијание врз луѓето и врз планетата. По тој повод, во стоковната куќа на ИКЕА во Загреб на 13 февруари беше изложен последниот примерок на „мртва“ пластична сламка, пренесува хрватски Н1. 

Последниот примерок на „мртва“ пластична сламка изложен во Загреб

Покрај сламките, одлуката за укинување на пластичните производи за еднократна употреба важи и за производите како што се кесички за мраз и вреќи за ѓубре, што  беа дел од понудата на ИКЕА во Загреб. Одлуката, исто така, вклучува и пластични производи за еднократна употреба за сервирање храна во ресторанот на ИКЕА за клиентите и вработените во кантината, како што се приборот за јадење, сламки, чаши, чинии и мешалки за пијалоци.

„ИКЕА сака да го олесни поздравиот и поодржливиот начин на живот. Пластиката за  еднократна употреба има значително влијание врз здравјето на нашата планета, како и на самите нас, а до 2050 година, се проценува дека ќе има повеќе пластика во океаните отколку што ќе има риби. Свесни сме дека ова е сложен проблем и сакаме да придонесеме за негово решавање. Веруваме дека елиминирањето на пластиката за еднократна употреба и воведувањето на нови, поодржливи, заменски производи, е значаен чекор кон тоа. Ги покануваме клиентите во Хрватска да ни се придружат во создавањето на подобар, секојдневен живот и со употребата на производи направени од обновливи или рециклирани материјали, да придонесат за заштита на животната средина и ублажување на климатските промени “, рече Алдо Леле, директор за одржливост во ИКЕА за Југоисточна Европа.

Посетителите на стоковната куќа ИКЕА Загреб сега можат да најдат еко замена за речиси сите пластични производи за еднократна употреба. Наместо пластика, на клиентите им се нудат бамбус сламки, „сламки“ од нерѓосувачки челик или направени од три слоја тврда, валана хартија. Исто така, наместо кеси за замрзнување за еднократна употреба, ИКЕА нуди поодржлива опција, кеси за неколку употреби, со затворач.

Инаку, шведскиот гигант ИКЕА уште во средината на 2018 година најави дека до 2020 година ќе престане со продажба на пластични производи за една употреба. Како што пренесоа тогаш од компанијата, оваа продажба ќе престане во сите продавници на ИКЕА ширум светот, а компанија ќе се посвети на производи опд материјали кои ќе можат да се преработуваат или да се рециклираат.

Стопирањето на продажба на пластични производи за еднократна употреба е составен дел на идните планови за производството на ИКЕА, кое ќе базира само на употреба на обновливи материјали и на оние што можат да се рециклираат.

Потегот е во насока на најавата на Европската унија, дека целосно ќе се забранат за употреба еднократните пластични производи, како сламки, хигиенски марамчиња и стапчиња за мешање пијалок и за држење балони.