Комисијата за хартии од вредност на Македонија ѝ даде одобрение на Хрватстката Финансиска агенција (ФИНА) за стекнување на квалификуван удел во Македонската берза АД Скопје, индиректно преку Загрепската берза, пренесува Хрватскиот Тпортал.
На 68-та седница на Комисијата за хартии од вредност, со која претседаваше Бујаре Абази, беше донесена одлука со која се одобрува ФИНА од Република Хрватска да стекне квалификуван удел во Македонската берза АД Скопје, индиректно, преку Загрепската берза д.д., соопшти Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија.
Станува збор за акција што не надминува 30 проценти од издадените акции со право на глас. ФИНА, чиј единствен основач и сопственик е Република Хрватска, веќе има согласност од хрватскиот регулатор ХАНФА да стекне квалификуван удел во Загрепската берза.
Доколку понудата за преземање на Загрепската берза биде успешна, ФИНА би можела директно да стекне 50 проценти плус една акција и со тоа индиректно да поседува 14,99 проценти од акциите на Македонската берза. Во случај да стекне 100 проценти од акциите на Загрепската берза, учеството на ФИНА во Македонската берза би се зголемило на максимум 29,98 проценти.
