fbpx

ХПВ вакцината е безбедна и не предизвикува стерилитет

-

Нема докази за стерилитет предизвикана од ХПВ вакцината. Вакцината е тестирана и одобрена од ФДА (Агенција за храна и лекови во САД ) и е препорачана од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји. Вакциналниот профил на оваа вакцина во Македонија е поволен и безбеден. ХПВ типовите 16 и 18 се најчести причинители на ракот на грлото на матката. Според СЗО, над 630 милиони луѓе во светот се заразени со ХПВ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува известување во кое се наведува дека на 2 февруари 2023 во просториите на Здравствен дом Струмица ќе се одржи задолжителна редовна имунизација за девојчиња од 7 одделение со вакцина ХПВ. Во постот се вели:

Родители, отворете очи!! Во Индија огромен број на девојчиња по таа вакцина останаа парализирани и стерилни.

ХПВ вакцината е препорачна за девојчиња на возраст од 9 до 26 години. Во С. Македонија воведена е во редовниот календар како задолжителна вакцина за девојчиња на 12 годишна возраст и ја вршат службите за вакцинација од Здравствените домови кои го спроведуваат и вакцинирањето со останатите вакцини. Вакцинацијата се врши во училиштата или во службите за вакцинација според изготвени планови за вакцинација. Зошто е избрана 12 годишна возраст кај двојчињата за редовна вакцинација? ХПВ вакцинација ќе има најголема здравствена корист и ќе стимулира создавање на имунитет, ако се даде на младата популација пред да се зарази со вирусот односно пред да почнат да имаат активен полов живот.
Според Министерството за здравство оваа вакцина е направена со рекомбинантна технологија од квасни габички и содржи т.н прочистени слични на вирус честички (virus like particles) од четирите ХПВ типови 6,11,16 и 18 кои делуваат по принцип на имуна меморија што претставува основа за долготрајна заштита.

 

Дали ХПВ вакцината е безбедна?

Вакцината е тестирана и одобрена од ФДА (Агенција за храна и лекови во САД ) и е препорачана од медицински и лекарски здруженија во над 120 земји.

Вакцината не содржи вирусна ДНК што значи дека не може да предизвика ХПВ инфекција или болест. Вакцината е со потврдена ефикасност, имуногеност како и исклучително добар профил на подносливост и безопасност. Направените студии докажуваат ефикасност за 5,5 години, но студиите за имуногеност продолжуваат во период до 10 години. Досега во светот се дадени над 50 милиони дози и при сите испитувања и спроведени вакцинации, вакцината била добро поднесувана, пишува на веб-страницата на  Министерството за здравство во информацијата за оваа вакцина.

Вакцината се дава во три дози, прва доза на одбран ден, втора доза по 2 месеци од првата и третата доза по 6 месеци од првата доза. Важно е на лекарот да му се нагласи дали сте имале алергиска реакција на квасец, ослабен имунолошки систем, бременост, зголемена температура и друга терапија. Како и кај другите вакцини, така и кај ХПВ вакцината може да се забележат несакани реакции. Несаканите реакции се од типот на болка, оток, црвенило, чешање на местото на апликација, лесно покачена температура гадење и вртоглавица. Тие реакции се минливи и се губат за кратко време. Иднината на превенцијата на ракот на грлото на матката се состои во ХПВ вакцинацијата како примарна превенција.
Хуманиот папилома вирус (Human Papiloma virus,HPV) е најчесто сретнуваниот сексуално пренослив вирус, кој ги напаѓа кожата и слузокожата на различни делови од човековото тело. Подеднакво ги погодува и мажите и жените. Најчесто ги засега младите лица веднаш по стапување во сексуални односи. Секој човек со започнат полов живот може да се зарази со ХПВ за време на половиот акт. Многу луѓе заразени со ХПВ може да не покажуваат никакви знаци или симптоми. Тоа значи дека тие можат да го пренесуваат вирусот на други без да знаат за тоа. Се пренесува преку полов пат најчесто при вагинален, анален и орален контакт и неполов пат од мајка на новородено или преку облека. Кофактори на ХПВ инфекцијата се рана возраст на прв сексуален контакт, пушење на цигари, нарушување на имуниот систем, долготрајна употреба на контрацептиви и др.
ХПВ типовите 6 и 11 се најчести причинители на гениталните брадавици. Во текот на животот најмалку 10 проценти од мажите и жените имаат генитални брадавици. ХПВ типовите 16 и 18 се најчести причинители на ракот на грлото на матката. Според Светска здравствена организација (СЗО), над 630 милиони луѓе во светот се заразени со ХПВ.
Според информации од Министерството за здравство ракот на грлото на матката во Македонија кај жените на возраст од 15 до 44 години е на второ место веднаш после ракот на дојката. Повеќе информации за бенефитите на ХПВ вакцината може да прочитате овде.
Со осовременувањето на Календарот за имунизација, во 2019 година во земјава обезбедена е четиривалентна ХПВ вакцина, која штити од четири типови на хуман папилома вирус. Во земјава има програма за имунизација според која ХПВ вакцината е вклучена во календарот.
Комитетот за вакцинална безбедност на Светската здравствена организација веќе одговори на загриженоста дека ХПВ вакцините предизвикуваат неплодност на начин што прегледани беа 160 студии спроведени во неколку држави и заклучокот е дека ХПВ вакцините имаат поволен безбедносен профил, без сериозни клинички сигнали за безбедноста.

Како што пишува СЗО, од 2012 година, индивидуални случаи ја поврзале вакцината со намалена плодност пред 40 годишна возраст. Систематски преглед на овие случаи (преку студии) бил спроведен и првично било заклучено дека во два индивидуални случаја имало поврзаност меѓу вакцината и плодноста.

Деталите од студиите му беа презентирани на Комитетот, кој ги прегледа доказите и заклучи дека иако безбедноста на ХПВ вакцината доби големо медиумско внимание, доказите не сугерираат дека има причинско последична врска меѓу ХПВ вакцината и неплодноста, пишува СЗО.

Оттаму заклучуваат дека според достапните информации, нема асоцијација меѓу ХПВ вакцината и неплодноста.Има и студии што не наоѓаат корелација меѓу ХПВ вакцината и неплодноста.

Во Индија за првпат е презентирана и ХПВ вакцина произведена дома, во Индија. Во Индија канцерот на матката е втор најчест вид на канцер кој ги погодува жените во таа држава. ХПВ вакцината произведена во Индија се вика Севавак, а ја произведува Серум институтот од Индија.

Севавак ќе ја направи Индија самоодржлива во контролирањето на смртноста предизвикана од рак на грлото на матката. Владата на Индија ќе ја воведе во националаната вакцинална програма. Според министерството за наука на Индија, од рак на грлото на матката во Индија годишно умираат 75 илјади жени.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека нема докази за стерилност предизвикана од ХПВ вакцината. Вакциналниот профил на оваа вакцина во С. Македонија е поволен и безбеден.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...