fbpx

Ховит за „Мета“: Македонија не падна, но сè уште стои на работ на бездната

-

Европратеникот и поранешен известувач на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит, во интервју за „Мета“ оцени дека е предоцна да се добие позитивна препорака, но оти вратата на ЕУ не е затворена. Тој ја повика владејачката партија на премиерот Никола Груевски да ги спроведе преземените обврски и да ја врати земјата на патот кон ЕУ.

  • Во последните три години, од 24 декември 2012 година, се чини дека Македонија е во постојана политичка криза. По договорот од 15 јули, рековте дека земјата успеала да се извлече од бездната. Кој е Вашиот став за сегашната ситуација, имајќи предвид дека политичките партии ги пробија сите рокови од договорот?

– На 15 јули Македонија успеа да не падне од работ на бездната, но сè уште стои на работ. Длабоко жалам што денеска сум тука, на неколку часови, а не денови пред финализирање на извештајот за прогресот на Македонија и кога сè уште не се знае дали договорот ќе се најде во него. Тоа ќе има големи импликации за тоа што ЕУ ќе каже за земјава и за нејзината иднина. Но, тука сум, со надеж дека денес-утре договорот ќе биде целосно испочитуван. Тоа нема да биде крај на контроверзиите во земјава, тоа ми е јасно и доволно сум реалистичен. Знам дека секој проблем мора да биде премостен. Денешниот проблем е што имаме договор кој не е исполнет и ако тоа не се поправи, ќе има фундаментален ефект на европската иднина на земјата.

  • Дали можете да објасните какви ќе бидат импликациите врз Македонија, не само врз извештајот за напредокот, туку и за тоа што европските амбасадори и посредникот го споменуваат, односно евентуални блокади, ставање на политичари на црната листа. Сметате ли дека ЕУ би можела да го реализира тоа доколку не се имплементира договорот?

– Сметам дека во политичката култура на земјава, односно дека некои партии се навикнати дека расправиите и конфликтите немаат долгорочни импликации, а тоа е фундаментално погрешно сфаќање. Извештајот за напредокот е важен. Сметам дека е предоцна за да се добие позитивна препорака и за да се повторат заложбите од минатата година. Во извештајот, веројатно, ќе има одредена условеност, што ќе биде чекор назад за земјата, но тоа не е целосно затворање на вратата на ЕУ. Сепак, знам дека тоа има голем импакт врз меѓуетничките односи во земјата и врз убеденоста кај Албанците дека земјата може сплотено да продолжи напред. Знам, од моите разговори со тукашната влада, дека тоа влијае и врз убеденоста на странските инвеститори, како и врз способноста на земјата да привлече инвеститори. Тоа е неопходно, имајќи ги предвид длабоките економски проблеми кои сè уште се присутни, особено за заживување на економијата. Бев дел од разговори на кои се покрена прашањето за евентуалното сопирање на претпристапните фондови, кои директно доаѓаат од Брисел, како што тоа било случај со земји во кои имало преседани. Тоа ќе има директен импакт врз сите проекти и програми од кои земјата има придобивки. Можеме да шпекулираме и за други акции, но во врска со овие, знам дека сите тие сериозни импликации може и ќе бидат применети.

  • Каква е политичката порака, зад условената препорака?

– Сè додека извештајот за напредокот не биде објавен, јас можам само да предвидам што ќе рече и, да бидам искрен, како и што сум за време на оваа посета, како и за време на моите приватни разговори со еврокомесарот Јоханес Хан, јас сè уште имам најискрени желби оваа држава да се врати на патот кон Европската унија и со тек на време да стане нејзина членка. Луѓето тука веќе ме сопираат на улица, а јас им велам „продолжите да се надевате“, а на политичарите им велам дека мора да испорачаат. Господинот Хан за време на последната посета беше многу јасен со изјавата, како и соопштението што го прочита амбасадорот Чарлс Гарет, во име на земјите од ЕУ и на САД, дека партијата на Груевски мора целосно да ги испочитува преземените обврски со договорот. Тие мора да ја чујат таа силна порака, не само од оние кои се од другата страна на оградата, туку и од целата меѓународна заедница. Сметам дека сите четири партии имаат одговорност да го одржат духот на компромис, но меѓународната заедница и Европската унија можат и мораат да побараат одговорност од тие што нема да ги спроведат преземените обврски од договорот, во кој посредувавме и кој чекаме да биде исполнет.

  • Брисел е конзистентен во врска со тоа дека треба да се лоцира одговорноста за можното кршење на законот. Дали можете да дадете коментар за тоа што Советот на јавни обвинители ја блокира работата на Специјалниот јавен обвинител, иако денеска беше соопштено дека има напредок и за тоа. Како се одразува тоа на Договорот од Пржино?

– Мојата следна средба е со специјалниот јавен обвинител. Го поздравувам назначувањето на специјалниот јавен обвинител и помошта на меѓународната заедница во неговото назначување. Во земјава има сериозна криминална злоупотреба во врска со скандалот со прислушување и со масовното следење на комуникациите. Не е мое како политичар да ја посочувам одговорноста за тоа, но мора да има објективна, фер и темелна истрага, која ќе придонесе за покревање обвиненија за тој криминал. Специјалниот обвинител треба да добие целосна поддршка за да го направи тоа. Ми рекоа дека имало проблеми со назначувањето на нејзиниот тим, процедурални и административни проблеми, а не политички. Се надевам дека е така и оти ќе бидат отстранети. Ми рекоа дека во моментов, најверојатно, го надминале проблемот. Двете партии се согласиле за бројот на обвинители, што значи дека нема политичка заднина за тоа. Се надевам дека денеска административните и процедуралните проблеми ќе бидат премостени.

  • Се појавија информации дека некои членки на ЕУ, кои се дел од неофицијалниот клуб на пријатели на Македонија, како што се Белгија, Велика Британија, Данска, Финска и Шведска, се повлекуваат и дека нема да дадат зелено светло за датум за почеток на преговорите. Колку има вистина во сето тоа?

– Целосно ги отфрлам тие информации. Го прочитав тоа и разговарав со амбасадорите на Велика Британија, на Франција и на Германија и тоа не е вистинито. Тоа е неточен извештај. Жал ми е што беше потребна толкава европска и меѓународна инволвираност за да се надмине политичката криза, но факт е дека мораа да се вмешаат. Затоа ги повикувам земјите-членки на Европската унија и меѓународната заедница да останат посветени и да продолжат да вршат притисок, затоа што во оваа фаза, без нашата поддршка и инволвираност, тешко е работите да се придвижат во вистинска насока.

  • Што ако преговорите пропаднат и ЕУ не даде препорака. Што понатаму? 

– Мислам дека не може да се каже дека Македонија е оставена сама. Во последните години, таа е заглавена и тоа не сакам да го гледам, сакам да видам промена. Затоа, кога луѓето ми приоѓаат на улица и ме прашуваат што ќе се случи, им велам „Продолжете да се надевате, затоа што и јас продолжувам да се надевам за оваа земја“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...